Модно жири: Дали на Манаки се испочитува дрес кодот за на црвениот килим?

21 септември 2013

Kolaz

За настаните како што подразбираат свечености, постои одреден дрес код, кон кој би требало домаќините и гостите да се придржуваат.

Во тој ред на свечени настани секако спаѓа и изгледот на црвен килим. За разлика од претходно, во денешно време мора да се признае дека дрес кодот не е толку строг, односно постои можност да се излезе малку од шаблонот и да се биде храбар. Но, доколку некој се одлучи на тоа, тогаш ќе треба исклучително да се внимава и тоа храбро да биде издржано и со вкус.

Ретки се настаните кај нас каде што навистина имаме шанса да покажеме гламур и модна култура. Еден од таквите настани е и деновиве мошне актуелен, филмски фестивал „Браќа Манаки“. На килимот продефилираа голем број личности од јавниот живот во Македонија, од различни сфери, кои направија и различни модни избори.

Уште на прв поглед се гледа дека недостасува гламурот на кој што сме навикнати гледајќи ги, да речеме европските филмски фестивали. Воопшто да не одиме до Холивуд. Но, пред да започнеме со било каков коментар за тоа кој како изгледаше во Битола, во продолжение ќе имате можност да прочитате првин за тоа што наложува дрес кодот за ваков тип настани кога е и машката и женската мода во прашање.

За мажите

  • Мажите треба да носат одело или смокинг, кои најдобро би било да се изработени од волна. Смокингот, односно оделото треба да е составено од два дела. Сако и панталони и тоа во црна боја, иако и тегет, а во поново време и темно сивата можат да дојдат предвид.
  • Сакото може да биде на дворедно закопчување или пак едноредно.
  • Реверите можат да бидат остри, или пак со т.н шал крагна. Мошне популарни се „забестите“ ревери, но ако се оди според традицијата, тие не се прифатливи. Реверите можат да бидат од сатен или свила.
  • Сакото не смее да се носи откопчано.
  • Кај едноредното закопчување, пожелно е сакото да има едно копче, иако во последно време, се прифаќаат и две. Доколку пак немате избор и сакото има три копчиња, во тој случај се закопчува само средното или пак првите две.
  • Џебовите на сакото никако не смеат да се со капаци.
  • Панталоните не смеат да бидат ниту предолги, и да ја кријат потпетицата на чевлите, но ниту пак да бидат прекуси, па да остават таа да се гледа целосно. Материјалот од кој се изработени панталоните треба да биде ист со оној на сакото. Работ на средината на панталоните треба да биде во иста линија со врвот на чевлите.
  • Кошулите треба да се бели и исклучиво со долги ракави. Под неа треба да се носат маици што не оставаат трага, затоа маиците на прерамки не се опција.
  • Манжетните треба да се закопчани и тоа исто така, или само со едно закопчување (Франција) или две закопчувања (Британија).
  • Чевлите треба да се црни и максимално исчистени.
  • Кога е вратоврската пеперутка во прашање, нема да згрешите. Во поново време се сè поприфатливи и вратоврските, кои не би требало да се прешироки во горниот дел. Ако се одлучите за вратоврска, тогаш должината на вратоврската треба да е до шнолата на ременот. Ако носите смокинг или сако со едно копче, тогаш вратоврската не е опција.

bradley_cooper_black_suit_sexy

 

За жените

Жените се малку послободни во изборот, но тоа колку може да биде предност, може да биде и недостаток, ако не знаете како да ги искомбинирате нештата или пак ако не знаете да го носите моделот.

  • Кога е црвениот килим во прашање, најдобар избор се долгите тоалети. Дури, дозволено е и да се подолги, да се влечат, но не до тој степен да не може да одите, или да изгледате како да сте вкопани во земја.
  • И покусите должини се во ред, но должината во тој случај треба да е до или под колената. Мини-должините не се опција.
  • Кога се боите во прашање, црвената е  најгламурозна и најчест избор, како и монохроматските нијанси (црна, бела). Беж бојата и златната се исто така одличен избор за на црвен килим. Сепак, цврсти ограничувања околу бојата  нема.
  • Одличен избор може да биде и женското одело со пристојна доза на сексапил. Но, и тука постои избор – дали ќе носите одело, кое ќе подразбира кошула и вратоврска пеперутка како кај мажите, или пак ќе се определите за похрабрата варијанта. Ако ова второто е вашиот избор, тогаш внимавајте да не бидете вулгарни кога е деколтето во прашање.
  • Накитот е задолжителен, но внимавајте да не претерате. Ако фустанот е избработен од богат материјал, накитот треба да е дискретен и едноставен. Ако пак, фустанот е поедноставен, тогаш истакнете се со накитот. Ако носите многу накит, тогаш добро координирајте го и гледајте да е со исти мотиви.
  • Високите потпетици се исто така задолжителен избор. Елегантни чевли, кои е најдобро да се затворени се совршен избор, затоа што исто така и хулахопките се задолителни без разлика за кое годишно време се работи.
  • Плик чантите и клач чантите се исто така еден од задолжителните модни додатоци.

The Men Who Stare At Goats Red Carpet - 66th Venice Film Festival

 

Колку испочитуваа од дрес кодот нашите познати личности, имате можност да погледнете во галеријата од отворањето, а во продолжение прочитајте ги коментарите за дел од нив.

Невена Ристиќ (лево) - креација на Филип Армстронг (десно)

Едноставна линија на долгата тоалета, која одлично ѝ прилега на Невена Ристиќ, ја истакна на црвениот килим на отворањето на Манаки. Целата магија на фустанот ја прават синџирите во различни форми и големини што се композициски добро склопени и овде може уште еднаш да потврдиме дека добриот избор на аксесоар може сечиј изглед да го доближи до совршенство. Едноставна фризура и дискретен накит и шминка, направија актерката да изгледа и атрактивно и пристојно за овој настан. Сепак, многупати сме биле сведоци на модни копии, а таков е и случајот овде. Идејата наликува на една креација со потпис на Филип Армстронг, во која ја видовме и познатата Лејди Гага.

Елизабета Канческа Милевска

Министерката за култура, Елизабета Канческа Милевска остава впечаток дека посветила време за секој еден сегмент од  стајлингот. Почнувајки од добро негуваната коса па завршувајки со обувките. Иако дрес кодот налага макси должина на фустнот, кога се работи за црвен килим, сепак должината под колена е соодветен избор кога се гледа севкупниот изглед на министерката. Фустанот од лелав материјал и дава посебна елеганција при движењето како и накитот што е дел од самиот фустан му придава посебен акцент.

Со оглед на нејзината функција, големо експериментирање во стилот е ризик, затоа министерката се одлучила за сосема соодветна и елегантна варијанта, со црн коктел фустан со должина под колена и впечатлив накит.

Драган Спасов - Дац со партнерката Весна

Ригите се многу актуелни во последно време и комбинацијата од парчиња и боја што ја направила партнерката на актерот Драган Спасов Дац, Весна и не е толку лоша доколку би била искомбинирана за некој секојдневен настан, но не и за црвен килим од рангот на еден од најатрактивните фестивали на Балканот. Иако храбар чекор, сепак несоодветен.

Гордана Јанкуловска со сопругот

Изборот на фустанот на министерката Гордана Јанкуловска е пристоен за пригодата, меѓутоа комплетната комбинација со сакото, чевлите и хулахопките го прави овој изглед помалку успешен. Доколку чевлите би биле без платформа, во покласична форма, а сакото би било помалку деловно а повеќе романтично, во склад со фустанот, тогаш би имале еден комплетен изглед.

Лабина Митевска во креација на Александра Митковска (десно), а лево во креација на македонски дизајнер од Словенија

Секако дека се очекува домаќинката на настанот, Лабина Митевска, со оглед на улогата што ја има, да се издвојува и со својата појава. Интензивната боја на фустанот и волуменозните елементи ја прават да изгледа смело но во исто време и на посебен начин елегантно. Сепак, иако е дозволиво тоалетата да биде подолга, се чини дека кај оваа креација на Александра Митковска тоа е повеќе од потребното, со што изгледа визуелно пониска. Со оглед на тоа дека креацијата е со специфична форма, во ред е тоа што Лабина се одлучила да не стави аксесоари.

За креацијата која ја носеше на затворањето на фестивалот, Лабина не откри од кого е изработена, само потенцираше дека станува забор за македонски дизајнер кој работи во Словенија. Доколку се водиме според кодексот за облекување кој погоре го наведовме, должината на фустанот не е соодветна за пригодата. Иако е неконвенционално и храбро од нејзина страна, по што всушност и е препознатлива, сепак комбинацијата овој пат е монотона. Стилизираноста на парчето во задниот дел од креацијата во случајов како да нема никаква функција. Ваков изглед можете да постигнете за 10 минути.

Симона Спировска (десно) - Јелена Јованова (лево) - креација на ателје Кокев

Се забележува дека Симона Спиросвска внимателно ги следела модните прописи.  Фустанот е со несекојдневен спој од материјали што придонесуваат за свежина на изгледот, а со изборот на обувките се потврдува добриот вкус. Ретро фризурата го надополнува нејзиниот комплетен изглед на манифестацијата и е една од ретките која одбрала вистинска комбинација за пригодата. Сепак, овој фустан, креација на Тања Кокев, е веќе искористен во рекламна кампања.

Васил Зафирчев

Васил Зафирчев изгледаше смело и пофалби за иновативноста. Меѓутоа сакото изгледа како стилизирана форма меѓу смокинг и пењоар што е малку невообичаено за ваков настан. Одбрал боја која што е најсоодветна за пригодата и секако Зафирчев умее да го носи и изгледа шармантно.

zivkica Живкица Каленикова

Конструкцијата на фустанот е првичното нешто на што мора да се обрне внимание ако сакаме да изгледаме незаменливо а потоа доаѓаат изборот на материјал и бојата што се исто така важни. на водителката Живкица Каленикова  би изгледала поатрактивно доколку би се направил подобар избор на материјалот од кој е изработена тоалетата и би го надополнила со интересен аксесоар на вратот.

Драгана Левенска во тоалета на Елена Лука

Комплетен изглед на актерката Драгана Левенска, достоен за црвен килим од светски ранг. Очигледно е вниманието кое е посветено до детали при стилизирањето на оваа комбинација. Отмено и гламурозно изгледа младата актерка во оваа тоалета со потпис на „Елена Лука“ со интересен крој, надополнета со богати детали во горниот дел. Дискретната шминка и собраната коса одлично го надополнуваат севкупниот изглед. Според реакциите и коментарите на публиката, овој фустан е еден од најубавите и најприкладните за пригодата, поради што и креацијата и актерката посебно се истакнуваат.

Исабел Ипер

Со оглед дека се работи за главна ѕвезда на годинешното издание на фестивалот Манаки, Исабел Ипер со својот изглед е премногу едноставна, со ноншалантен пристап кон избор на парчињата. Црната боја е секогаш сигурен избор за црвен килим, но во случајот изгледа премногу деловно. Како и да е, се работи за големо име во светската кинематографија и шармантна дама која во отмена тоалета би изгледала уште повпечатливо.

Објавено:
21 септември 2013
Категорија: 
Сцена