Модно жири МАРС 2014

27 ноември 2014

Радискиот фестивал МАРС беше уште една прилика изведувачите на највртените песни за 2014 година на сцената од Универзална сала да се појават пред публиката  и да не потсетат на нивните хитови. Тоа беше уште едно јавно случување каде можевме  да го видиме изборот на нивните сценски стајлинзи,  а за разлика од Скопски фестивал,  доминтнираа оние на машките пејачки имиња.Со мал број исклучоци  кои прогрешиле во однос на деталите, речиси сите момци не изненадија со интересни шик-спортско елегантни комбинации во свежи есенски бои. Популарниот Даниел Кајмаковски и овој пат на себе имаше спортско-елегантен стајлинг, сочинет од неколку колорни нијанси што одлично се дополнуваа една со друга. Тој изгледаше младешки и модерно во маслинестите панталони споени со беж сако од волнен штоф, комбинирано со тегет кошула и темна вратоврска. Единствена забелешка е тоа што не морал да ги закопча двете копчиња, туку едното, кое  на целосниот изглед ќе придонело за перфектен завршеток. Кајмаковски иако мал период е на музичката сцена, навреме научи дека стилистите се неопходни за соработка.

 

Во опуштена варијанта од бела кошула и сини пантолони, комбинирани со црни спортско-елегантни чевли, пејачот Влатко Лозановски уште еднаш ни остави позитивен впечаток од изборот на стајлингот. Бидејќи фестивалот сам по себе е опуштено и забавно дружење меѓу изведувачите,  без многу „глам“  моменти, Лозановски го избрал перфектниот спој на парчиња. Завитканите ракави од кошулата и елиминацијата на сакото што претхотдно го носеше во бекстејџ, само ја нагласија потребата за релаксиран и ненападен пристап кон настанот, а сепак со доволна доза на елеганција од стилот што го негува и е препознатлив.

Уште една успешен стилски избор, доследен на сите претходни, беше и оној на Тајзи. Неговите естетски погледи кон облеката во спој со музиката што ја пласира,  резултираат со задоволителна стилска завршница. Тој е пример дека не секогаш класичните парчиња мора да се комбинираат само во строга и стегната варијанта, туку може да се практикува и индивидуалистички пристап кон истите. Токму широките жолти панталони и ноншалантно пуштената кошула со дискретни точки, заокружена со тегет сако, придонесоа за забавен и младешки  стајлинг кој ја обои сцената на фестивалот.

И не само Тајзи, туку и Пере од Нокаут дополнитело ја освежи сцената со слични нијанси од боите, за  кои изгледаше како меѓусебно да се договориле. Пејачот и овој пат не потсети на актерот Џони Деп, имајќи на себе весели широки панталони со цветен принт, надополнети со жолта кошула врз која слоевито се надоврзува контрастното тегет класично елече. Пере е можеби единствениот припадник на посилниот пол од забавната естрада, кој речиси никогаш не ги заобиколува накитот. Тој и овој пат на рацете имаше неколку алки што се надоврзаа на благиот хипи фазон.

За разлика од нив, кои ги заслужија сите пофални комплименти, понежната половина повторно се потпре на сигурната верзија во црно без многу изненадувања. И тие изгледаа како да се договориле за бојата, која всушност ни ја надоврза  модната приказна од Скопскиот фестивал, дека на пејачите им треба професионална стилска мотивација. Очигледно повеќето пејачки штом треба да настапат на фестивал,  размислуваат само на црно без многу дилеми. Единствено водителката Марија, достојно ја изведе својата улога на домаќинка, а гламурозниот фустан иако црн, компактно придонесе таа да доминира на сцената според улогата која ја имаше.

Викторија Лоба иако пееше брза песна која бара забавен и весел стајлинг, таа се појави во минималистичка варијанта од едноставен црн коктел фустан, споен со црвени високи потпетици. Нејзиниот стајлинг изгледаше монотоно поради едноличноста. Многу подобро би изгледала доколу имала поинтензивна шминка или некој накит на рацете. Во овој случај поради русата коса и светлиот тен изгледа некомплетно.

Пејачката Тамара очигледно обожава да ја трансформира фризурата и во тој поглед постојано да ја изненадува публиката. Таа на фестивалските сцени секогаш има интересни комбинации, но најчесто истите имаат проблем со кројот во однос на нејзината конституција. Ако претходно носеше тесни фустани кои го нагласуваа телото, овој пат иако фустанот не е припиен и ја нагласува само половината, се запрашавме што се случува со инвентивноста и колоритноста на која навикнавме да ја гледаме во досегашните тоалети на јавни настапи?

Фустанот кој го носеше пејачката Сара Мејс се покажа како нефункционален, што јасно се виде преку нејзиното константно поткревање поради неприлагодениот крој и големината од конфекцискиот број. Иако во пределот кај градите изгледаше интересно и впечатливо, долниот предел потфрли поради непотребната светкава текстура на органза и нефункционалниот шлиц одзади, кој само ја изнесе погрешната визуелна слика од кројот.

Објавено:
27 ноември 2014
Категорија: 
Сцена