На крајот, да разговараме за новите почетоци!

10 март 2014

По завршувањето на четирите модни недели во Милано, Лондон, Париз и Њујорк конечно може да разговараме за нови идеи, инспирации и најважно од сѐ да ви ги претставиме имињата на кои допрва ќе им се восхитуваме.

Николас Гескиер за Луј Витон

Николас Гескиер му го презема кормилото на Марк Џејкобс во Луј Витон и се чини тоа го направи многу добро. Тој ја прикажа својата прва колекција за модната куќа на последниот ден од модната недела во романтичниот Париз и заврши одлична работа. Самата Ана Винтур ја пофали неговата колекција посочувајќи дека истата зрачела со одлична енергија. По одличното шоу на кое можевме да видиме одлични здолништа во А линија, плетеници и тренди чизми над глуждовите, публиката не беше воопшто разочарана. Ако некој воопшто беше скептик за тоа како Николас ќе се вклопи во светот на Луј Витон, поддршката од големиот број обожаватели потврди дека никој не требало ниту да се сомнева. Иако неговото заминување од Баленсијага и не беше баш славно, неговата прва колекција за Луј Витон во Париз беше дочекана со големи овации. Модните уредници на еминентни светски модни списанија посочија дека нивната возбуда за почетокот на Николас Гескиер била подеднакво голема како моментот кога Ив Сен Лоран објавил дека ќе се пензионира. И конечно на крајот, Николас тргна кон вистинскиот пат кон кој го насочија луѓето од Луј Витон – пат на кој тој треба да се фокусира на тоа да креира пофокусирана визија на Луј Витон жената, предизвик на кој сме сигурни дека ќе одговори!

Џереми Скот за Москино

Неверојатно талентираниот Џереми Скот беше назначен за креативен директор на Џереми Скот доцна во октомври, а неговата дебитантска колекција можевме да ја видиме нешто после Нова година. Истата веднаш по објавувањето ги „урна“ социјалните мрежи со милион објави од парчињата од најголемите обожавателки на брендот. Скот, тотално креативно и беспрекорно го продолжи патот на успехот со новата food fashion колекција што ја претстави на модната недела во Милано. Главната нишка според која дизајнерот се инспирирал во колекцијата е секако – хуморот, како што и тој самиот соопшти. Ревијата во рамки на миланската модна недела беше поделена во три дела – во првиот видовме креации инспирирани од Мекдоналдс, вториот дел беше резервиран за добро познатиот свет на Москино на кој главна одлика се кожените парчиња и во третиот дел тој повторно не врати во светот на брзата храна, но сега ги преточи секојдневните пакувања од чипс, корнфлекс и слично во креативни креации.

Кејти Хилиер и Луела Бартли за Marc by Marc Jacobs

Креативните девојки Кејти Хилиер и Луела Бартли станаа дел од модната куќа на Марк Џејкобс во мај и уште од самиот почеток од нив се очекуваше свежина и младешки дух кај креациите. Токму тоа тие и го постигнаа, претставувајќи една „лоша девојка“ гледана од призмата на Марк Џејкобс. На неговата писта во Њујорк можеа да се видат одлични скејт парчиња со спортски моменти кои девојките ги прикажаа на одличен начин. Со тоа што тие го расплакаа и самиот Марк откако ја прикажаа колекцијата, тоа доволно говореше за нивниот огромен успех. Тој посочи дека нивната нова визија за кул девојките кои се полни самодоверба и не се плашат да ги искажат внатрешните чувства преку облеката, говори за тоа колку тие ќе бидат успешни. Со огромната самодоверба што ја поседуваат, неверојатната синхронизација и позитивните вибрации помеѓу триото, сите се многу возбудени да ги проследат нивните следни чекори во модата.

Алесандро дел Аква за Рошас

Во септември минатата година, Алесандро дел Аква беше назначен за креативен директор на модната куќа Рошас, откако ги напушти Les Copains. Тој во Рошас дојде на местото на Марко Занини кој пак својот пат го продолжи во Скјапарели. Во рамки на париската модна недела, дизајнерот ја прикажа првата колекција за францускиот бренд. Тој ревијата ја отвори со комбинации од пеплум моменти, здолниште и волуменозен капут. Низ целата колекција се провлекуваа колоритните ракавици кои дизајнерот се чини ги зема за заштитен знак овојпат. На обожавателите на модната куќа Рошас по сѐ изгледа најмногу им се допаднаа навезените украсни камења што се провлекуваа низ неколку модели и им даваа неверојатен гламурозен изглед на парчињата. Мислењата беа поделени околу неговата дебитантска колекција, но се чини најизразено мислење беше она дека дизајнерот мора да поработи на следната колекција доколку сака да биде успешен.

Објавено:
10 март 2014
Категорија: 
Сцена