Како што започнува одбројувањето до новата година, така започнуваат и листите за настаните и личностите што ја одбележале онаа на изминување.
Овој пат вниманието ќе го свртиме кон дамите што модно ја одбележаа 2017 година. Во светските модни медиуми се појавија листите за најдобро облечените познати дами.
Ние направивме пресек на неколку од нив, па во продолжение погледнете кои се 15-те најдобри облечени жени за 2017 година:
Селена Гомез
Младата ѕвезда беше со многу нешта актуелна годинава. Покрај музиката, здравствените проблеми, врската со The Weekdn како и прекинување на истата, па повторно поврзувањето со Џастин Бибер, Селена го привлече вниманието на јавноста и со промената на бојата на коса и храбрите модни избори.
Ешли Греам
И во 2017 година Ешли Греам беше плус-сајз моделот што ги урива стереотипите и создава нова клима во модната индустрија. Во 2017 ќе ја паметиме и по смелите комбинации, со кои им беше инспирација на сите жени со облини.
Каја Гербер
2017 е значајна година за ќерката на Синди Крафорд. Каја годинава го имаше своето модно деби, па постојано беше во фокусот на вниманието. Покрај работните ангажмани, медиумите постојано пишуваа и за нејзиниот личен стил.
Џиџи Хадид
Соработката со Томи Хилфигер продолжи и годинава, како и онаа со Стјуарт Вајцман, па Џиџи Хадид сосема ги прошири своите модни афинитети кон дизајнерството. Во 2017 година красеше и бројни насловни страници, а паралелно со тоа, често пати можевме да ја видиме во рубриките за најдобро облечени ѕвезди.
Бела Хадид
Истото до некаде би можело да се рече и за нејзината сестра Бела. Годинава предизвика реакции со изјавата дека е горда на својата вера. Со својата појава го привлече вниманието на Канскиот филмски фестивал, ја видовме и како заштитно лице на „Диор“ козметиката и обувките на Џузепе Заноти. Паралелно, беше еден од моделите што ги диктираат трендовите надвор од пистата.
Зендаја
Зендаја годинава беше вистинска модна инспирација, не само за девојките од нејзината генерација, туку и оние повозрасните. За нејзиниот изглед се грижеше стилистот Ло Роах, кој направи сите да посакаат да изгледаат како оваа млада ѕвезда.
Зои Кравиц
Одлична година за Зои Кравиц на професионален план како дел од екипата на популарната серија „Big Little Lies“. Со уникатниот стил таа секогаш е привлечна и за модниот свет, па беше една од најкоментираните кога е изгледот на црвениот килим во прашање.
Соланж
Соланж покрај со својата музика, годинава одлично котира и на модните листи за најдобро облечена личност за 2017 година. Со својот необичен стил и посебност, таа беше инспирација за впечатлив изглед.
Никол Кидман
Блескава година за Никол Кидман на секое поле. Посебно се памети нејзиното модно шоу за време на Канскиот филмски фестивал. На сите нејзини појавувања изгледа беспрекорно и затоа со право е една од најдобро облечените жени за оваа година.
Ријана
Има ли потреба да се коментира жената која е прогласена за највлијателна во модниот свет? Нејзините комбинации се најчесто повторувани, а сè што ќе облече се распродава за рекордно брзо време. Годинава беше на мета на медиумите поради вишокот килограми, но тоа никако не влијаеше на нејзината популарност или застапеност во медиумите.
Селин Дион
Најголемиот аплауз според нас за оваа година кога е модата во прашање оди кај Селин Дион. Како и за стилот на Зендаја и за нејзиниот се грижи стилистот Ло Роах. Тој од скромна и незабележителна жена (според стилот и појавата, секако не според гласот) успеа да создаде вистинска дива, модна икона. Годинава Селин Дион ја лансираше и колекцијата чанти и модни додатоци со нејзин потпис, така што после дождот за неа дефинитивно излезе сонцето.
Емили Ратајковски
Некои ја сакаат, некои не, но без разлика на тоа, сите ќе се согласат дека Емили Ратајковски е еден од најзгодните модели на новата генерација. Најзастапена во медиумите беше во летниот период, кога го презентираше совршеното тело во бикини, а со провокативните креации често беше една од најкоментираните личности од страна на модните медиуми.
Амал Клуни
Двојката Клуни годинава ги доби близнаците Александар и Ела. Амал немаше многу појавувања во јавноста, но и тие што ги имаше беа беспрекорни. Сите го паметиме пастелно виолетовиот фустан во кој се појави на филмскиот фестивал во Венеција или зелената креација која ја носеше на вечера со Џорџ. Со тоа покажа дека сè уште доминира и на модната сцена.
Блејк Лајвли
Актерката и годинава покажа зошто е кралица на трансформацијата. Во 2017 година беше професионално активна, што резултираше со бројни појавувања а со тоа и модни комбинации, поради кои секогаш беше издвојувана за најдобро облечена личност. Се сеќавате на модното шоу во Њујорк, кога во еден ден смени шест комбинации, стилски различни, а во кои изгледаше одлично. Блејк Лајвли сè уште е модна икона, која инспирира жени од различни генерации и во 2017 година покажа дека е вистински моден камелеон, што ретко на кој му успева.
Лејди Гага
Од ѕвезда што носеше месо на себе, Лејди Гага годинава покажа комплетна трансформација и во музиката, но и во изгледот. Минимализмот сè почесто е нејзин избор, а храброста овој пат не ја покажува на ексцентричен начин, туку со комбинирање на најголемите актуелни трендови. Новата промена наиде на одобрување и кај публиката и кај модниот свет, па затоа и не изненадува фактот дека се најде на повеќе листи на најдобро облечени личности за 2017 година.