Палома Фејт: Цел живот чекав да бидам мајка, желбата конечно ми се исполни!

23 август 2016

Популарната британска пејачка Палома Фејт објави на социјалните мрежи дека го очекува првото дете со нејзиното момче Лејман Ланчин.

Таа објави навистина искрени писма на Инстаграм и Фејсбук во кои вели дека е исклучително среќна што ќе биде мајка и дека некое време ќе се повлече од сцената за целосно да се посвети на своето семејство и новиот живот што ја очекува.

„Пресреќна сум што ќе ви кажам дека малку ќе се повлечам од сцената, бидејќи очекувам бебе. Целиот живот сакав да бидам мајка и конечно сега тоа се случи и не можам да ви објаснам колку сум среќна. Ова значи дека годинава нема да бидам дел од The Voice и нема да го издадам мојот албум“, напиша пејачката во писмото.

Таа додаде и дека не сака нејзиното дете да биде мета на папараците, ниту пак таа сака да биде фотографирана додека е бремена.

„Многу сум нервозна и возбудена поради тоа што ќе станам мајка и сакам тоа да се одвива во вистински нормални услови. Бременоста и мајчинството се нешто многу лично. Сакам моето бебе да биде слободно и да живее нормален живот. Кога ќе се вратам, ви ветувам дека ќе бидам полна со енергија и повторно ќе пеам за вас“, напиша таа.

Кон почетокот на оваа година во едно интервју, Палома посочи дека годинава конечно сака да стапи во брак со нејзиното момче и да биде мајка. За него ќе каже дека е нејзината сродна душа со кого сака да го помине остатокот од нејзиниот живот.

„Ние не се расправаме. Имаме многу слични карактери. Се справуваме со ситуациите на ист начин и едноставно разговараме за сѐ. Ако некогаш се повредиме, се извинуваме и продолжуваме понатаму. Едноставно, тој е човекот со кого сакам да бидам во брак и да имам бебе“, изјави во март Палома.

Објавено:
23 август 2016
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
394 пати