Плакарот на Стела Жан - микс на култури, женственост, колорит и гламур

4 ноември 2014

Младата и неверојатно талентирана дизајнерка Стела Жан, успеа да го привлече вниманието на модната фела, веднаш по победата на натпреварот за модни таленти Who’s On Next во 2011година. Оттогаш нејзината работа посветено ја следат Армани и Сузи Менкес кои се нејзини големи обожаватели.

Без формална обука и способност за цртање, таа своите дизајни ги создава директно на кукли прикачувајќи ги материјалите и ткаенините со помош на иглички како што тоа го правеле Пако Рабан и Коко Шанел. Нејзината живост, разиграниот колорит и инспирацијата која ја собира од патувањата и културите низ различни земји од светот,  успешно ги применува во дизајнирањето на своите модни приказни, но и во креирањето на сопствениот имиџ.

Последниот ангажман на Жан беше во рамките на второто издание на модниот настан кој се одржа во Дубаи, Dubai Fashion Experiеnce,  каде таа прикажа дел од последната колекција што ја презентираше во рамките на Миланската модна недела оваа година за сезоната пролет-лето 2015. Нејзините инвентивни модни креации ги красат страниците на списанијата како што е Vogue, Marie Claire, Gioia, Vanitu Fair и многу други.

Жан не е посебна и оригинална само во своето творештво, таа има и мошне уникатен личен стил.

„Мојот стил го отсликува моето креолско потекло, каде се преплетуваат и мешаат две различни култури од кои произлегува една прекрасна женственост“, открива дизајнерката.

Според мислењето на голем број модни критичари,  креациите на Стела Жан се највозбудливото нешто кое и се случило на современата жена. Истата констатација се однесува и на нејзиниот плакар, кој наликува на полица со книги,  кои имаат различни корици и се обоени во највеселите бои, принтови и дезени што постојат. Ведар, елегантен, истовремено гламурозен и безвременски, „зачинет“  со италијански шарм и африканска култура, отприлика вака би изгледала соодветната дефиниција за парчињата облека кои „дефилираат“ низ гардероберот на дизајнерката.

Она што плени е нејзината способност за комбинирање на спортски, лежерни и удобни парчиња и модни додатоци со елегантни и женствени модели кои само ја нагласуваат нејзината храброст и ја ставаат во групата на модно освестени жени.

Омилени и се здолништата во А-форма што и служат како платно на кое ги црта најубавите зимски идили, вообичаените приказни од секојдневието и додава интересни апликации кои го нагласуваат живиот темперамент на жените во светот и се обоени во сите тонови на виножитото.

Стела е голема вљубеничка во масивниот, впечатлив и светкав накит кој го комбинира со секакви комбинации. Чевлите на потпетици се исто така дел од модната приказна на Жан, но сепак таа вели дека најудобно се чувствува кога чекори на рамни чевли, како што се оксфордките, за што додава дека се најдоброто нешто во светот на модата. Во својот дом во Рим таа има два гардеробери во две одделни соби,  бидејќи има премногу парчиња, модни додатоци и накит и нема простор за да ги смести сите на едно место.

Еве како изгледа плакарот на една од најдобрите млади дизајнерки во светот:

 

 

Објавено:
4 ноември 2014
Категорија: 
Сцена