И додека светот со нетрпение ги очекува полуфиналните натпревари на светското првенство во фудбал кое се одржува во Бразил, европското тло пулсира во ритамот на модата. Градот на светлината, Париз повторно е дом на голем број познати личности кои со нетрпение очекуваат да ги проследат новите модни шоуа кои во своите креативни кујни ги скроиле мајсторите на својот занает, а ќе ги диктираат тенденциите на висока мода за сезоната есен-зима 2014.
Со свој настап вчерашниот ден го одбележаа Скјапарели, On Aura Tout Vu, Кристијан Диор, Џамбатиста Вали и Алексис Мабил. Голем број познати личности од целиот свет, од различни сфери на уметноста дојдоа да ги проследат модните перформанси на омилените дизајнери. Имаше навистина ѕвездена атмосфера и голема посетеност на еминентни имиња од шоу бизнисот, музичката, филмската и модната индустрија.
Скјапарели
Откако, Марко Ѕанини го презеде модното кормило на брендот Скјапарели се чини дека ДНК –то на модната куќа ги обнови своите вистински вредности и традиција кои пак помогнаа да се врати куќата повторно да заблеска на модниот пиедестал. Ова е втора колекција на висока мода на Ѕанини и како и првата, дизајнерот останува доследен на своите театрални визии, со посебен акцент кон деталите прикажувајќи една поинаква женска убавина која оваа година е целосно обоена во сите нијанси на розово.
На модното шоу кое се случи вчера во рамките на модната недела за висока мода во Париз, како дел од гостите на ревијата на Скјапарели, беа креативните директори на Валентино, Марија Грација Кјури и Пјерпаоло Пичоли, но и модните дизајнери Азедин Алаја, Кристијан Лубутан и Роџер Вивиер.
„Ние веруваме во мода, и сметаме дека е од особена важност да се поддржи една модна недела особено пак, доколку е од ваков гламурозен карактер“, изјави за медиумите Кјури.
Во првите редови беше и главната и одговорна уредничка на италијанското списание Vogue, Франка Соѕани, која беше во друштво на познатиот фотограф Марио Тестино. Меѓу присутнте беа и Инес де ла Фресанж, Диего Дела Вале, Нати Абаскал и многу други.
Кристијан Диор
Ако модниот израз на писта е одраз на персоналноста на еден дизајнер, тогаш шоуто на Диор кое вчера се одржа во музејот Родин, дефинитивно ги оправда сите очекувања. Креативниот директор на модната куќа Раф Симонс уште еднаш ја докажа својата модна виртуозност и покажа дека неговите креации се олицетворение на исклучителен дизајн, одличен избор на материјали и елегантен крој кој ја нагласува силуетата и софистицираноста на женското тело.
Сосема очекувано во првите редови се најдоа познати личности кои го испочитуваа нивниот пријател Симонс, но и омилениот бренд Диор. Најголемо внимание предизвика љубовната двојка Шарлиз Терон и Шон Пен. Држејќи се за рака, модната љубовна романса на познатиот пар едноставно ги маѓепса сите на црвениот килим. Златната девојка на брендот едноставно блескаше во мини фустан со кратки ракави, како вистинска гламурозна сирена, модел потпишан од Диор. Својот луксузен изглед оскаровката го заокружи со впечатлива дијамантска обетка само на едното уво, едноставна шминка, собрана фризура и сандали на потпетица со ремчиња во римски стил.
Од сите амбасадорки на куќата Диор, француската актерка Мерион Котилард се чини дека е нејзин најверен следбеник. Таа постојано ги носи креациите на брендот, па така беше и овој пат. За оваа пригода, Котилард одлучи да носи миди црн фустан во асиметричен крој и впечатлива свилена марама во живи бои за да ја разбие монотонијата на изгледот.
Модното шоу на Диор не го пропушти ниту младата и неверојатна актерка која веќе две сезони по ред ги брани боите на модната куќа, Џенифер Лоренс. Таа на ревијата се појави во дводелна комбинација потпишана од Диор. Станува збор за бело здолниште со висок струк и инвентивна игра на кројот, во комбинација на свилена маичка на прерамки со интересен принт во црна боја. Актерката од непознати причина го напуштила шоуто и не останала да го проследи крајот. Но затоа пак, пред почетокот на ревијата Џенифер Лоренс и Ема Вотсон докажаа дека се вистински пријателки кои се дружат и надвор од професионалните ангажмани. Младата „вештерка“ од мега популарниот филмски серија Хари Потер пристигна на модниот перформанс на Диор, облечена во монохроматска креација со асиметрична игра на кроеви, дело на истоимената модна куќа.
Помеѓу ѕвездената толпа ја забележавме и прекрасната и неодолива француска актерка Изабел Ипер, која македонската јавност имаше можност одблиску да ја запознае на минатогодишното издание на Манаки фестивалот, каде токму Ипер беше специјална ѕвезда на манифестацијата.
Џамбатиста Вали
Џамбатиста Вали лансираше колекција која не асоцира на гламурозните клубови покрај плажа од времето на класичниот Холивуд: линии во разни димензии, сончеви бои и расцветани фустани.
Во веселата и колоритна идила одлично се вклопија дел од најпознатите имиња од светот кој дојдоа специјално да бидат дел од гостите на најновата ревија Џамбатиста Вали. Навистина е реткост на исти место да се видат трите највлијателни модни уреднички на сите времиња Ана Винтур, Франка Соѕани и Карин Ројфелд кои љубопитно го следеа шоуто од првите редови. Откако, претходно се појави на ревијата на Диор, младата Ема Вотсон стигна и на шоуто на Вали, облечена во едноставна комбинација на црни тесни панталони, црна предимензионирана свилена кошула, високи потпетици и црна чанта.
И бидејќи сликата е замена за милион зборови, одвојте пет минути од вашето време и ѕирнете ја галеријата која ќе ви го долови амбиентот и ѕвездената атмосфера директно од модниот Париз.