Селена Гомез, Тилда Свинтон и Клое Севињи беа дамите кои вчеравечер го предводеа црвениот килим на отворањето на Канскиот филмски фестивал со филмот од кој се дел „The Dead don’t Die“ на Џим Џармуш.
Прекрасната 26 годишна пејачка и актерка на премиерата на филмот со кој и официјално се отвори филмскиот фестивал се појави во шик креација на Луј Витон со накит на Булгари.
Нејзината креација се состоеше од долго здолниште со длабок отвор и ремен на половината во комбинација со краток топ и стилски сандали.
Таа изгледаше навистина гламурозно со прекрасниот накит од Булгари – впечатлив ѓердан, обетки и прстен и како и секогаш, беспрекорна шминка.
Нејзината пријателка и актерка Клое Севињи со кого таа глуми заедно во филмот, изгледаше подеднакво гламурозно во шик креација од Тиери Муглер и накит од Шопард.
Секогаш уникатната Тилда Свинтон за црвениот килим одбра сребрена креација од Хајдер Акерман со накит на Картие, додека речиси сите момци од филмот одбраа црни елегантни костими.
Секогаш прекрасната Џулиен Мур за свеченото отворање на фестивалот одбра долг смарагдно зелен фустан, додека нејзината помлада колешка Ел Фенинг се одлучи за впечатлива розова креација со цветен украс во предниот дел.
Вистинско изненадување беше шармантната Ева Лонгорија која пристигна во раскошна креација на Алберта Ферети и го покажа совршеното тело 10 месеци откако го роди нејзиниот син Сантијаго.
Погледнете дел од присутните на отворањето на фестивалот и следете нè за информации од сите следни денови.
Инфо и фото: Daily Mail