Скарлет Јохансон: Патот до врвот на успехот

20 септември 2014

Таа важи за една од ретките икона на убавината. Сензуалната русокоса актерка Скарлет Јохансон, својот светски успех не го постигна само со неверојатно сексапилнот изглед, туку и со нејзините професионални ангажмани на големото платно играјќи во филмови од разни жанрови од комедии до акциони драми, но притоа не ги занемари своите работни обврски на театарската сцена и рекламните кампањи за познати, светски и водечки модни брендови посветувајќи им се на работните задачи со истата страст и жар кој од секогаш се криеле во нејзиниот сензибилитет, карактер и енергија.

Меки и полни усни, бела кожа, длабок магичен поглед, придружени со слатка насмевка, веднаш ја рангираа оваа талентирана актерка на листата за најсекси жени во светот. Сепак, таа во една прилика изјавува дека омилен дел од нејзиното тело и се нозете. Ѕвездената кариера на Скарлет која почна како актерка, а сега веќе е и модел и пејачка е незапирлива во поглед на успехот. По снимени речиси 40 филмови, дивата може да се пофали со четири номинации на „Златен глобус“, и со можеби најубавата улога која во моментов ја игра, улогата на мајка. Таа и нејзиниот вереник францускиот новинар Роман Дауријак беа пресреќни за преубавата вест која планираат да ја крунисаат и со свадбена церемонија.

Скарлет Јохансон Ингрид е родена во Њујорк на 22 ноември, 1984 година. Татко и е дански архитект, а мајка и е Американка, која подоцна ќе стане нејзин менаџер.

Нејзината мајка сакала да се вика Скарлет, бидејќи од секогаш го обожавала филмот „Одвеано во виорот“. Инаку Јохансон, има уште една сестра и двајца браќа. Интересен е фактот дека и нејзиниот брат близнак Хантер е актер.  Скарлет уште од мали нозе, веќе на седум години почнува да учествува на разни аудиции за телевизиски, филмски и театарски проекти. Благодарение на нејзината незапирлива желба и борбеност на осум годишна возраст за прв пат се појавува на театарската сцена во проектот насловен „Playwrights Horizons - New York“, рецитирајќи текст рамо до рамо со Итан Хоук. По неколку помали филмски улоги, вниманието на публиката во интернационални рамки го привлекува со улогата на трауматизирана тинејџерка во филмот на Роберт Редфорд  „Шептачот на коњите“.

Првите две номинации за „Златен глобус“ во категоријата најдобра актерка пристигнуваат во 2004 година со филмот на Софија Копола: „Изгубени во преводот“, со кој ја освојува наградата BAFTA, и со филмот „Девојката со бисерна обетка “ на Питер Вебер, во кој ја игра улогата на срамежливата собарка на сликарот Вермер.

Третата номинација пристигнува наредната година за филмот „Песна за Боби Лонг“, каде игра заедно со Џон Траволта. Актерката истата година е веќе интернационална ѕвезда и е заштитно лице на модната куќа Луј Витон, како и на парфемот „Eternity Moment“, потпишан од модната куќа Келвин Клајн. Во меѓувреме станува амбасадор на хуманитарната организација „Oxfam“.

Номинацијата за четвртиот „Златен глобус“ како најдобра актерка ја добива во 2006 година за трилерот во режија на Вуди Ален, „Match Point“. Оваа соработка на режисерот и актерката ќе продолжи, бидејќи Ален ќе ја земе Јохансон да биде дел од неговата филмска екипа во наредните два филма „Scoop“ од 2006 година и „Вики, Кристина, Барселона“ од 2008 година, создавајќи улоги наменети специјално за неа.

Токму 2008-ма година ќе биде многу важна за Јохансон. Таа ја добива номинацијата на „Teen Choice Awards“, наградите, со филмот „Другата жена на кралот“. Истата година учествува во реализацијата на видеото „Yes We Can“, за поддршка на Обама за претстојните претседателски избори.


Подоцна истата година Скарлет тајно се венча со актерот Рајан Рејнолдс во Канада, со кој се разведе по само три години брак. Според официјалната верзија, основа за развод се оддалеченоста и меѓусебните обврски на работа. Во наредните години Јохансон игра главно во акциони филмови, а дел постигнаа и бокс офис рекорд. Во второто продолжение на „Iron Man 2“, од 2010 година ја игра улогата на Црната вдовица, по што следува филмот од 2012 година „The Avengers“, па мегахитот од 2014 година „Captain America - The Winter Soldier“. За целово ова време додека балансира со обврските на големото платно и рекламните кампањи, таа во ниту еден случај не го напушта театарот, а потврда е „Тони наградата“ од 2009 година, за актерскиот перформанс во драмата на Артур Милер „Еден поглед од мостот“.

Во меѓувреме продолжува успешно да ги менаџира и работните ангажмани во светот на модата. Па така заедно со Метју Меконахи се појавуваат во црно-белата рекламна кампања насловена „Street of Dreams“ на Долче и Габана за парфемот „The One“, режиран под диригентската палка на Мартин Скорсезе. На втори мај, 2012 година прекрасната и неодолива Скарлет ја добива својата ѕвезда на холивудската Булевар на славните. Покрај фактот што е исклучително талентирана актерка, Јохансон, обожава и да пее. Таа има издадено два албуми „Anywhere I Lay My Head“ во 2008 година и „Break Up“од 2009 година.

Во 2013 година се закитува со наградата „Сребрен Марко Аврелиј“за најдобра актерка на Меѓународниот филмски фестивал во Рим за филмот „Lei di S. Jonze“, каде не се појавува во ниту една сцена, туку таа ја игра улогата на гласот на компјутерскиот систем. Во една прилика токму за овој филм актерката има изјавено дека тоа и било најубавото снимање, бидејќи не морала да прави посебни подготви за сетовите, во поглед на шминка, фризура, гардероба. За време на филмскиот фестивал во Венеција во 2013 година, Јохансон зачекори на црвениот килим носејќи блескав прстен со три дијаманти со винтиџ, арт деко стил. На крајот на фестивалот актерката го потврди и официјалното соопштение дека таа и нејзиниот партнер, францускиот новинар Роман Дауријак се вериле. Во март 2014 година, двојката најави дека го очекуваат своето прво дете. Скарлет и Роман во моментов уживаат да бидат покрај својата ќеркичка и заедно ја планираат големата свадбена церемонија.

 

Објавено:
20 септември 2014
Категорија: 
Сцена