Оливија Палермо пред неколку дена беше гостинка на претставувањето на новата колекција на Ghurka чантите во Њујорк и дефинитивно му покажа на светот како треба да изгледа една совршена есенска комбинација според нејзин вкус.
Комбинацијата вклучува кафено кожено здолниште, црни чизми до глужд на Алтузара, црна ролка и лежерен балонер потпишан од модната куќа Witchery. Овој аутфит трендсетерката го комбинираше со масивна чанта со потписот на Ghurka, на која и додаде крзнен детаљ, со кој сакаше не само да го нагласи сопствениот моден сензибилитет, туку да и даде една повпечатлива и уникатна димензија на чантата.
На промоцијата, Палермо пристигна во друштво со својот сопруг Јоханес Хуебл кој соодветно и парираше на сопругата, презентирајќи спортско- елегантна визија. Јоханес носеше панталони во крем нијанса, комбинирани со бела кошула, сив плетен џемпер, врз кој имаше облечено сив топол елек, вратоврска со принт од кафени и сиви нијанси и крем чевли.