Иако долгоногата Иман ја знаеме како супермодел и неприкосновена модна икона, сомалиската убавица која денеска полни 59 години, е многу повеќе од тоа!
Таа е дел од неколку хуманитарни организации и на чело на козметичка линија во која уживаат голем број жени ширум светот.
Иман беше откриена од страна на фотографот и уметник Питер Бирд за време на нејзините студии. Веднаш откако во 1976 – тата година се појави во Вог, нејзината кариера се движеше со брзина на светлината.
Таа за многу кратко време стана вистинска муза на дизајнерите како Халстон, Џани Версаче и Ив Сен Лоран, кој во неколку наврати ја нарече „жена од соништата“.
Пред да се потсетиме на некои од нејзините највпечатливи фотографии од импозантната кариера, во продолжение прочитајте краток дел од нејзиното интервју за магазинот „The edit“ за тоа како таа денеска гледа на клучните работи што го одбележаа нејзиниот живот во изминатите шест децении.
1975
За манекенството: „Јас не сум модел повеќе. Сега сум само ЈАС. Повеќе не сакам да работам пред камерите“, вели Иман.
За размената на парчиња облека со нејзиниот сопруг Дејвид Боуви: „Никогаш не сум го правела тоа и нема ниту да го правам. Јас немам „момчешко“ тело, не сум градена така“.
За можноста нејзината ќерка Александрија да стане модел: „Дефинитивно нема никогаш да ја охрабрувам во тоа“.
За зголемувањето на килограмите по повредата на ногата: „Јас целиот живот имав околу 58 килограми, а сега поради повредата имам 64. Кога бев бремена, стигнав до 72 килограми. Но, како и да е, јас тоа го гледам како природен ботокс. Кога сега, со овие килограми ќе се погледнам во огледало, си велам дека никогаш не сум изгледала помладо. Тоа е токму поради зголемениот број на килограми“, вели Иман.
За тоа да се биде нормално семејство во Њујорк: „Јас сѐ уште ја носам мојата ќерка на училиште. Дејвид ја зема. Тука во Њујорк сѐ изгледа полесно. Луѓето се премногу лежерни за да се „замараат“ со вас“.
За тоа како е да се биде успешна „црна“ жена: Мислам дека денеска тоа е многу полесно да се постигне и да се сфати. Сега некако сето тоа е толку меинстрим, ништо од тоа не е невообичаено“, вели за крај од интервјуто, 59 годишната прекрасна манекенка Иман.