Ако Мет Галата го има истото значење како и Оскарите во светот на модата, тогаш CFDA модните награди се дефинитивно Златните глобуси!
Како што и очекувавме, на црвениот килим на свечената манифестација се појавија некои од најголемите ѕвезди на денешницата, а светските модели ги предводеа најдобро облечените.
Иако добитникот на најзначајната награда – модна икона, до самиот крај не беше објавен, кога на настанот пристигнаа Џеј Зи, Блу Ајви и Тина Ноулс, беше сосема јасно дека наградата ќе и припадне на единствената Бијонсе.
Таа имаше неверојатно добар говор кога дизајнерката Дајан вон Фурстенберг и ја врачи наградата, за што таа беше особено почестена.
„Мојата мајка и вујко ми Џони, Господ да го благослови, ги дизајнираа првите костими за Дестини Чајлд...Секое едно парче го изработуваа рачно, посебно шиејќи безброј кристали и бисери, со толку многу љубов и пасија како никој друг. Кога ги носев костимите се чувствував како Калиси од Game of thrones...Имав костим со кој се заштитував...“, рече Бијонсе како дел од говорот.
Таа додаде и дека нејзината мајка го дизајнирала нејзиниот венчален фустан, фустанот за матура, првиот фустан што го носела на CFDA наградите, бројни фустани за Греми и уште многу други за што и е неизмерно благодарна.
„Многумина од вас не знаат дека мојата баба беше шивачка. Баба ми и дедо ми немале доволно пари и не можеле да си го дозволат школувањето на мојата мајка, па таа почнала да шие облека за свештениците во црквата каде мајка ми требала да учи. Токму баба ми, ја научила мајка ми како да шие, со што таа подоцна ги создаде сите мои прекрасни фустани. Во времето кога почнавме со Дестини Чајлд, не можевме да си дозволиме да купиме облека од дизајнери, а никој не сакаше да облече четири црни девојки со облини. И благодарам на мајка ми за сѐ што стори“, додаде Бијонсе заблагодарувајќи се за наградата.
На доделувањето на наградите неверојатен говор имаше и актерката Тилда Свинтон, која дојде во име на Иман, да ја прими постхумно доделената награда на нејзиниот сопруг и голема легенда Дејвид Боуви.
„Вечерва е 24 годишнината од бракот на Дејвид и Иман... Таа побара од мене да дојдам тука во нејзино име и да ви се заблагодарам за ова прекрасно сеќавање на Дејвид и да ја пренесам сета нејзина љубов. Голема е честа да се биде тука...", го започна говорот актерката.
„На барање на твојата прекрасна госпоѓа, дојдов да ја земам наградата за неа, за тебе... Овие драги луѓе, овие фенси модни луѓе, ти ја даваат тебе нивната најголема награда, признание за твојата работа...Со тоа сакаат да ти се заблагодарат за сето она што го направи, од самиот почеток па сѐ до крајот, низ сите овие години, во Лондон и надвор од него. Сите промени што ги направи. Сета твоја слава, на сите начини и секогаш. Се одјави некако рано и сите бараме работи што ти ги остави во фиоките и бараме некоја адреса...Останаа знаци од тебе секаде...На дрвата, на небото, во шумите и многу сме благодарни за тоа. Сакаме да ти кажеме дека ни недостасуваш, но и дека сме среќни што постоеше. Научивме да одмараме на ѕвездената прашина во твоето отсуство. Ти си нашиот херој, сега и засекогаш. Сите те поздравуваме", рече Свинтон.
Покрај наградата за модна икона, жирито додели и награда за најдобар дизајнер на женска облека за изминатата година, а истата му припадна на Марк Џејкобс. Наградата за најдобар дизајнер за машка облека ја доби Том Броун, наградата за интернационален дизајнер сосема заслужено ја доби големиот Алесандро Микеле од Гучи, специјалната, а почесна награда постхумно му беше доделена на Дејвид Боуви.
Оваа година се чини тие ги оправдаа наградите повеќе од било кога, создавајќи фантастични креации кои девојките ги носеа на црвениот килим.
Огромен впечаток како и секогаш оставија светските модели меѓу кои и Роси Хантингтон Вајтли која се појави во совршена бела креација, а подеднакво прекрасна беше и секогаш шармантната Карли Клос.
Црната, белата и црвената боја во суштина беа најзастапени на црвениот килим, а дефинитивно една од најсексапилните креации имаше секогаш прекрасната Ирина Шајк.
Во галеријата погоре, погледнете ги сите креации што девојките ги одбраа за годинешното издание на CFDA модните награди.