Бродвеј ги прогласи најдобрите за изминатата година во рамки на традиционалните, Тони награди кои секоја година се одржуваат во прекрасниот Њујорк. 

Домаќинот Џејмс Корден го отвори шоуто посветувајќи моменти на жртвите на масакрот во геј клубот во Орландо, каде загинаа 50 лица, а најмалку 53 беа повредени. 

Подеднакво внимание на трагичниот настан му посвети и единствената Барбра Стрејсенд која се појави на Тони наградите за прв пат од 1970 - тата година и ги потсети семејствата на жртвите дека не се сами.

Мјузиклот „Хамилтон“ беше најголемиот победник вечерта понесувајќи вкупно 11 награди од 16 категории во кои беше номиниран. 

За најдобра претстава беше прогласена „The Humans“, додека наградата за повторна постановка на претстава и мјузикл ја освоија „A View From the Bridge“ и „The Color Purple“. 

Во говорот со кој ја отвори вечерта, комичарот и актер Џејмс Корден ја истакна важноста на пукањето во Орландо и зошто истото не смее да се повтори никогаш. 

„Нашите срца се со семејствата на сите оние кои загинаа во големата трагедија во Орландо. Не сте сами. Вашата трагедија е и наша трагедија. Омразата никогаш нема да победи, а ние мора да бидеме сигурни дека тоа ќе биде така. Вечерашното шоу нека биде симбол на тоа“, посочи Корден. 

Како и секогаш, црвениот килим беше исполнет со прекрасни актерки и актери кои пристигнаа во своите најдобри изданија. 

Најголем впечаток остави секогаш позитивната Лупита Нјонго која овој пат се одлучи за флорална креација, специјално изработена од тимот дизајнери на Хуго Бос во која блесна како и секогаш. 

На црвениот килим се случуваше вистински гламур, па така речиси сите девојки кои присуствуваа на доделувањето на наградите, се појавија во внимателно избрани и впечатливи креации. 

Прекрасна во жолто беше актерката Луси Лиу, која одбра елегантен долг фустан со длабоко деколте, украсен со уникатни апликации во предниот дел.

Голем број од девојките ја обраа и нежната розова боја како доминантна во нивните креации, па така манекенката Џордан Дан привлекуваше погледи во совршена креација на дизајнерот Зак Посен со кого и се појави на доделувањето.

Шармантна во розово беше и младата и неверојатно талентирана ирска актерка Срша Ронан која го имаше своето деби на Бродвеј во претставата „The Crucible“ овој март.

Во галеријата, погледнете ги фантастичните креации кои го збогатија и разубавија црвениот килим на годинешното доделување на наградите Тони.

Објавено:
13 јуни 2016
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
284 пати