Во пресрет на новата сезона на „Pretty Little Liars“ ви го прикажуваме беспрекорниот плакар на омилената Хана или попозната како Ешли Бенсон.

Покрај тоа што таа е единствената девојка во серијата која се занимава со мода и е опседната со истата, тоа е и случај во приватниот живот.

Тимот на The Coveteur го отвори плакарот на актерката во нејзиниот дом во Западен Холивуд во кој сосема очекувано, пронајде вистински мали богатства.

Зависна од торбите на Шанел, чизмите на Баленсијата и сите парчиња на Сен Лоран, оваа девојка ужива во славата и младоста колку што може повеќе!

Талентираната актерка ќе каже дека многу ѝ се допаѓа стилот на близначките Олсен и сѐ она што тие го прават. Има и доста парчиња од нивните колекции за кои ќе каже дека се едни од најдобрите било кога направени.

За завршување на секојдневните обврски најмногу сака да носи едноставни фармерки и бела маичка комбинирани со кожена јакна и рок чизмички.

„Мислам дека белешките за стил ги добив од Хана (ликот што го толкува во серијата). Таа е всушност многу женствена, вистинска девојка, и морам да кажам дека многу често сум добивала идеи од она што сум го носела во серијата за моите комбинации во приватниот живот. Понекогаш дури и си се допаѓав во цветните фустани со џемпер во серијата, кои впрочем не ги носам обично“, вели Бенсон.

Што се однесува до нејзините омилени парчиња од плакарот, актерката ќе каже дека кожената јакна е нешто без што не може да си ги замисли комбинациите.

„Мојата омилена ја купив во Торонто. Таа е од брендот Rag & Bone и всушност се крие интересна приказна зад неа. Чинеше околу 3.000 долари, а јас ја купив 500 на распродажба. Тоа беше неверојатно добра цена. Ја носам буквално секој ден“, вели Ешли.

Во однос на советите што таа сака да им ги даде на девојките кога станува збор за стилот, Ешли ќе каже:

„Секогаш облечете нешто во што ќе се чувствувате удобно. Ако носите нешто тесно, нема да можете да уживате без разлика каде и да одите. Одберете нешто што ви се допаѓа, нешто во што ви е убаво. Истото се однесува и на високите потпетици кои не се задолжителни без разлика за каков настан и да станува збор“.

За тоа што ќе била ако не станела актерка, таа вели:

„Мојот најголем сон е да научам да готвам, да бидам шеф. Во моментов сум многу лоша готвачка, но навистина сакам да научам и да посетам некое училиште во Париз. Многу сакам храна, но засега сѐ што можам да направам е кајгана“, вели Бенсон која важи за една од најубавите актерки на новото време.

Во исчекување на новата, летна сезона на „Pretty Little Liars“, погледнете ги сите богатства од нејзиниот плакар!

Објавено:
18 мај 2016
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
809 пати