Модната куќа Фенди деновиве излезе со медиумско соопштение во кое вели дека подготвува нова соработка со Сара Џесика Паркер, Ријана, Џордан Дан и други славни личности и посочи дека дел од финансиските средства ќе бидат наменети за добротворни цели.
За да го прослави отворањето на новата продавница, лоцирана на авенијата Медисон во Њујорк, брендот Фенди подготвува нов проект. Имено, одговорните на куќата поканија пет влијателни личности од светот на модата и културата да создадат свој дизајн за линијата чанти насловена „3Baguette“, која официјално беше промовирана и лансирана минатата година. Помеѓу ѕвездените гости се најдоа имињата на актерката Сара Џесика Паркер, моделот Џордан Дан и пејачката Ријана.
„Учесниците имаат целосна слобода да го одберат дизајнот и бојата од која сакаат да биде изработен моделот. Ова е само уште еден показател дека за Фенди ништо не е невозможно“, вели во својата изјава извршниот директор на Фенди, Пјетро Бекари.
Колекцијата чанти се планира да биде официјално промовирана на коктел забавата која ќе се одржи на 13 – ти февруари. Истиот месец, веднаш после промоцијата сите обожавателки на овој бренд ќе можат да ја купат својата омилена чанта во продавницата на брендот во Њујорк или пак да ја порачаат онлајн.
Секоја ѕвезда има право да одбере како и каде ќе ги донира финансиските средства од продажбата на својата чанта. Ријана се одлучи парите да отидат во „Fund Clara Lionel“, актерката Паркер во Fund injuries, а Дан пак, заработката од својот модел на чанта ќе ги донира во American Association for Sickle Cell. Минатата година беше организирана иста ваква иницијатива, во која учество земаа Трејси Емин, Заха Хадид и Гвинет Палтроу.