Годинашното издание на престижната манифестација „Златен глобус“ се одржа вчера, а помина во знакот на „Ла Ла Ланд“, остварување кое освои дури 7 награди, отмениот црвен килим, но и говорот на Мерил Стрип за кој сите зборуваат.

Приказната за романсата помеѓу младата актерка и џез пијанист сосема доминираше меѓу наградените освтварувања, освојувајќи ги наградите во сите категории во кои и беше номиниран.

 

Така, „Ла ла ланд“ е прогласен за најдобар филм во категоријата за најдобра комедија или мјузикл. Режисерот Демијан Шазел (31) ја освои наградата за најдобра режија и сценариот, додека главните актери – Рајан Гослинг и Ема Стун ги собраа наградите за најдобра главна машка, односно женска улога во комедија или мјузикл.

Рајан ја посвети наградата на својата сопруга, Ева Мендез и нејзиниот починат брат.

-Сакам оваа награда да ја посветам на мојата љубов, Ева Мендез, зошто да не беше таа, јас немаше да го искусам ова најневеројатно професионално искуство. Додека јас танцував и свирев на пијано и бев дел од еден од најдобрите проекти, таа бремена, се грижеше за нашата ќерка и нејзиниот брат да го победи ракот. Токму затоа, оваа награда ја посветувам и нему, на Хуан Карлос Мендез – изјави актерот.

Покрај овие, остварувањето ја има и најдобрата музика и најдобрата песна, награди што отидоа во рацете на композиторот Џастин Харвиц.

Меѓу наградените е и Кејси Афлек, кој е прогласен за најдобар актер во главна улога во драма, за остварувањето „Manchester by the Sea“, а француската актерка Изабел Ипер е најдобра женска актерка во главна улога за остварувањето „Elle“. Истото ова остварување е прогласено и за најдобар странски филм.

Еден од фаворитите, филмот „Месечина“, номиниран во шест категории, ја освои само наградата за најдобар филм во категорија драма.

Комплетната листа на добитници и номинирани можете да ја видите на линкот ОВДЕ.

Но, она за што најмногу се зборува утрото потоа, е говорот на легендарната Мерил Стрип, на која ѝ беше врачена наградата „Сесил Б.Де Мил“ за животно дело, кое го доделува Здружението на странски новинари.

По тој повод Стрип зборуваше за важноста на новинарите, но се осврна и на реториката на Доналд Трамп, па акцентот го стави на мултикултурниот и мултинационален Холивуд.

-Јас сум родена, порасната и образована во јавните училишта во Њу Џерси. Виола е родена во Јужна Калифорнија. Сара Паулсон е родена во Флорида, а порасната од самохрана мајка во Бруклин. Сара Џесика Паркер е една од седумте или осумте деца од Охајо. Ејми Адамс е родена во Венеција во Италија. Натали Портман во Ерусалим. Рајан Гослинг како сите најфини луѓе е Канаѓанец, а Дев Пател е роден во Кенија, а порасна во Лондон. Значи, Холивуд е полн со странци и „аутсајдери“. Ако ги протераме сите, ќе можеме да гледаме само фудбал и разни боречки вештини, а тоа не е уметност – изјави актерката.

Во говорот таа се потсети и и модаде почест на неодамна починатите актерки Деби Рејнолдс и Кери Фишер.

-Се сеќавам еднаш принцезата Леа ми кажа „Земи го своето скршено срце и претвори го во уметност – додаде Стрип.

Црвениот килим пак, беше отмен и гламурозен. Најголемо внимание привлкоа Ема Стоун во фустан на „Валентино“, како и Натали Портман во „Прада“. Кај мажите доминираа одела од „Гучи“, а повеќе креации имаше секако и Зухаир Мурад.

 

Во галеријата горе можете да погледнете како изгледаше црвениот килим.

 

Објавено:
9 јануари 2017
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
1.191 пати