Зошто сите ја гледаа Викторија Бекам на изложбата на Меквин?

13 март 2015

Изложбата посветена на работата на Александар Меквин во музејот Викторија и Алберт во Лондон, што се отвори завчера вечер, го привлече вниманието на многу личности од јавниот живот во Британија, но и светскиот шоу-бизнис. Тоа беше уште еден повод повеќе за медиумите да го проследат овој настан, а сите погледи беа вперени кон двојката Бекам, поточно Викторија.

Поранешната членка на групата Spice Girls се појави во црна долга тоалета, со нејзиниот омилен корсет во горниот дел, изработена специјално за неа од нејзината модна куќа. Здолништето беше широко и со „исечени“ детали, што го збогатија фустанот. И додека сите се воодушевуваа на тоалетата, шминката се покажа како дискутабилна. Нијансирано зачадениот поглед, што го видовме и на последната ревија на Шанел, не се покажа како најдобар избор за 40-годишната дизајнерка и мајка на четири деца.

Без разлика на сè, Викторија ја постигна целта, а тоа е дека сите зборуваат за неа. Инаку, интересен податок, кој што се наоѓа во книгата на Дана Томас за Меквин, е дека во 2001 година, дизајнерот ѝ забранил на Бекам да настапи на неговата ревија бидејќи сметал дека таа е глупава.

Но, по сè изгледа дека напорната работа и сепак паметните деловни чекори ги придобија Марк Џејкобс, Ролан Муре и Ана Винтур, што ѝ помогнаа на Бекам да стане едно од важните имиња во модниот свет.

Денес, Викторија има одличен и пријателски однос со челните луѓе на модната куќа Меквин, особено со Сара Бартон, а ќерката на Бекамови, Харпер е најдобра другарка со близнаците на Бартон.

Покрај Бекам, на отворањето на изложбата се појави и Кејт Мос во придружба на сопругот Џејми Хинс, а нејзиниот моден избор беше транспарентен фустан од тантела и боди одоздола.

Меѓу присутните беше и британскиот супермодел Ерин О’Конор (37), која се појави во долга, бела тоалета со длабоко деколте, покажувајќи дека е сè уште во одлична форма.

На забавата по повод отворањето на изложбата се појавија и Наоми Кембел, Селма Хаек, девојката на Роберт Патинсон, FKA twigs, која остана доследна на својата ексцентричност, Попи Делевињ и уште многу други, а како изгледаа, погледнете во продолжение:

collage1

Објавено:
13 март 2015
Категорија: 
Сцена