Кристин Дејвис: Стареењето и споредувањето со помладата верзија од себе е стресно

31 јануари 2022

Актерката Кристин Дејвис публиката најмногу ја познава по улогата на Шарлот од „Сексот и градот“. По објавувањето на новото продолжение од серијата насловено како „And Just Like That...“, многу се коментираше изгледот на актерките.

На некои им пречеше изгледот на Сара Џесика Паркер, други аплаудираа на истиот, трети сметаа дека Шарлот претерала со ботоксот, а Миранда изгледа повозрасно одошто е...

На оваа тема прокоментира и Дејвис, која откри дека процесот на стареење може да биде мошне стресен.

„Стареењето и споредувањето со својата многу многу помлада верзија може да биде многу стресно. Да сум жена од „обичниот живот“, ќе се чувствував добро. Ќе се чувствував одлично! Здрава сум, силна, имам тригодишен син кој го држам во прегратка и се' е добро - но не, јас сум на телевизија, каде секој дел од мојата физичка појава се анализира“, вели актерката.

Таа додава дека тоа не е секогаш едноставно за прифаќање:

„Тој дел отсекогаш бил стресен и тежок за мене, затоа што колку и да се осврнувам на мојот живот и да помислувам: „Ох, како прекрасно изгледав тогаш“, всушност речиси никогаш не го мислам тоа. Секогаш ќе има лоши фотографии и ќе се зборува за нив, ќе се расправа за твојата коса, лице, твоето ова или она  и така е тоа претпоставувам, барем во оваа индустрија“, смета Дејвис.

На крајот признава дека ова прашање е нешто што ги засега сите жени, без разлика дали се познати или не, бидејќи жените долго се придржувале на невозможни стандарди за убавина:

„Сакам да верувам дека во животот постои многу повеќе од физичкиот изглед, но во нашата култура неизбежно е како што стареете, посебно ако сте жени, да бидете оценувани врз основа на тоа како изгледате. Тоа е поголем културен разговор кој треба да се води, но во моментов е многу тешко“, посочува Кристин.

 

 

 

Објавено:
31 јануари 2022
Категорија: 
Sweet 40+
Прочитано:
1.063 пати