До името Анџелина Џоли често се додава „титулата“ - најубавата жена на светот. Таа секогаш се соочуваше со товарот да изгледа и да се однесува беспрекорно.

Некогаш апсолутно обожувана, денеска оспорувана поради турбулентната врска и брак со Бред Пит и одлуките во однос на здравјето и децата, но сепак жена која каде и да се појави привлекува внимание. Жена чиј лик продава - магазини, облека, парфеми...

Некогаш постојано присутна во јавниот живот, а денеска со стремеж да биде што подалеку од неа. 

Денеска го прославува 46 роденден, а ние пак ќе ставиме фокус на нејзината модна формула.

Ако во периодот на адолесценција и во своите 20-ти години, Џоли важеше за бунтовничка што како темперамент се отсликуваше и во нејзиниот стил, сега оваа дама е вистински симбол за префинетост и сведена елеганција.

Нејзиниот прв избор е минимализмот и кога е облеката и кога е шминката во прашање.

Постојат нешта од кои веќе со години не отстапува, а тој нејзин избор всушност може да се преточи во модна лекција за минималистички, женствен и елегантен стил.

 

Црна на врв на листа

Една од првите асоцијации за нејзиниот стил се токму парчињата во црна нијанса. Сигурен избор за сите пригоди. Без нападни детали, со едноставен крој, понекогаш и уникатен дизајнерски, црната е на врвот на листата на актерката кога се модните избори во прашање.

Неутрлни нијанси

На второ место доаѓаат неутралните нијанси - беж, сива и бела. Заедно со црната прават палета идеална за сите пригоди. Меѓусебе се комплементарни и лесни за комбинација, така што парчиња во овие нијанси треба да поседува секоја жена. Сепак, потребно е да се има и облека во боја, па така сме имале можност да ја видиме и во зелени, црвени, жолти креации. 

Акцент на деталите: очила за сонце и масивни чанти

Кога гардероберот ви е неутрален, сепак потребно е да ја надградите комбинацијата. Џоли тоа го прави со модните додатоци - големи очила за сонце и масивни чанти. На тоа би доделе часовници и дискретен накит. Со ваква комбинација на елементи, актерката го прави секој свој изглед впечатлив.

Елегантни чевли

Кога се обувките во прашање, секогаш се држи до елеганцијата. Ретко кога јавноста може да види фотографии од неа во патики, дури и кога се папараци фотографии во прашање.Обувките со шпиц, без разлика дали се рамни или на вртоглаво висока потпетица се најзастапени во нејзиниот гардеробер - со што додава нота на сексапил, елеганција и женственост.

Ремен за истакната половина

Без оглед на тоа што има тенка става и веројатно може да носи што ќе посака, широките фустани и здолништа се чест нејзин избор, а во случај кога силуетата е комотна, не заборава да додаде ремен за истакнување на половината, а со тоа и на женственоста. 

 

Во галеријата на почетокот од текстот можете да видите уште неколку нејзини комбинации кои се вистинска инспирација за љубителите на минималистичката модна естетика.

Објавено:
4 јуни 2021
Категорија: 
Sweet 40+
Прочитано:
4.504 пати
Тагови: 
Анџелина Џоли