Неутралноста на беж нијансите дозволува тие да бидат меѓу омилените во колекциите на дизајнерите, најчесто застапени за да одржат баланс помеѓу силните и впечатливи бои.
Дека бежовата е една од боите кои дефинитивно треба да ја имате во вашиот гардеробер, зборува и податокот што токму таа е една од тоновите кои Габриел Шанел ги одбра во својата модна тријада на бои покрај црната и златната. Шик допир кој создава неверојатен контраст со потемните нијанси, нагласувајќи го вашиот тен и префинет вкус за стил.
Бежовата боја е одлична за комбинирање со други бои, голем дел од дизајнерите ја користат како инспиративна нота со цел да го нагласат класичниот бон-тон на дизајнот. Освен во апликација на модните парчиња оваа боја се користи и во креирањето на модни додатоци и аксесоари. Игра на нијанси од песок бежова, па низ карамел бежова и розово бежовата па се до сиво бежовиот тон кој најмногу може да го сретнеме во модните креации на маестро Џорџо Армани.
Овој природен тон не можеме да го дефинираме само како женска боја, што го потврдува и фактот за иконскиот капут на Барбери, чија основна нијанса е токму оваа боја без разлика дали се работи за женски или машки модел.