Веќе добро знаете дека сме вљубенички во ретро трендовите, па решивме да ви предложиме четири едноставни начини како да ги носите истите и денеска.
Холивудските девојки како Блејк Лајвли, Клое Грејс Мориц, Дакота Фенинг и уште неколку други, се неверојатно уникатни и најдобро знаат како да ги носат овие трендови, па токму затоа ви ги предлагаме како инспирација.
Кога станува збор за кожените ретро парчиња, тука е стилската девојка на Холивуд Блејк Лајвли, која обожува да носи кожа и секогаш изгледа одлично. Дека е вистински професионалец во комбинирање на ваквите парчиња, покажа и нејзиниот одличен стајлинг составен од зелена кожена кошулка и кафено кусо здолниште со висок струк.
Подеднакво креативна е и младата Клое Грејс Мориц која со брзина на светлината стана модна икона на Холивуд. Таа ги обожува кусите фустанчиња со јака, но и оние со интересен принт или направени од тантела во кои секогаш изгледа толку ретро и неодоливо!
Иако е неверојатно млада, талентираната Дакота Фенинг во неколку наврати покажа дека е вистински професионалец кога станува збор за стилот. Нејзините комбинации составени од минималистички црно – бели фустанчиња или пак колоритни здолништа со висок струк со ролки без ракави, дефинитивно докажуваат дека оваа девојка навистина знае како да ги возобнови 60 – тите со стил!
Истото е случај и со шармантната Кирстен Данст која секогаш знае како да им внесе младешки дух и енергија на едноставните колоритни куси фустани. Истите секогаш комбинирајте ги со впечатливи модни додатоци како сребрена клач чантичка и сребрени сандали и бидете уникатна ретро дива каде и да се појавите.