Поминаа деновите кога облекувањето во труднички парчиња беше антитеза на модата. Мислењето дека трудничките парчиња облека се „страшни“, немодерни и не претставуваат никаква асоцијација за стил е чиста заблуда. Доколку направиме краток времеплов низ годините и развојот на облеката наменета за бремени жени ќе забележиме дека токму овие парчиња биле инспирација за детерминирање на неколку модни трендови. Во ’60-тите трудничките кошули ја аплицираа популарната „петар пан јака“ која за кратко време стана најпосакуван моден додаток, во ’70-тите пак, цветните дезени и макси фустаните беа вистинска револуција, нормално овој модел на фустан подоцна доживеа неколку промени во зависност од женските силуети и форми на телото. А последната инвенција во модниот свет која ја донесоа трудничките модели во ’80-тите се однесуваше на потпонките. Денес нормално колекциите кои ги креираат дизајнерите се далеку пософистицирани во модерни варијанти на веќе постоечките дизајни кои ги практикуваме во нашето модно секојдневие. И холивудските диви кои се во блажена состојба не останаа рамнодушни на модните креации и тенденции кои го диктираат трудничкиот стил. Во продолжение погледнете кои познати дами го однесоа епитетот најстилски трудници.
Кери Вашингтон
Кери Вашингтон
Изборот на вистинска креација со која ќе се појавите на црвениот килим, а особено ако сте во шестиот месец од бременоста може да звучи и да изгледа малку застрашувачки, но не секогаш. Тоа го докажа актерката Кери Вашингтон која на „Screen Actors Guild Awards“, се појави во розов пресечен топ изработен од розови украси на брендот Скјапарели, надополнет со црно волуменозно здолниште со висок струк на модната куќа Прада. На наградите „Златен Глобус“, пак каде конечно ја потврди веста за нејзината бременост одбра да изгледа скромно и едноставно во креација специјално шиена за неа од Баленсијага. Сепак, поради нејзината состојба не можевме често да ја гледаме како посетител на гламурозни манифестации.
Емили Блант
Емили Блант
Со ниту една номинација оваа сезона Емили Блант, сепак можевме да ја видиме на неколку настани. И покрај тоа што е бремена и очекува девојче се чини дека таа не може да се откаже од фармерките и маичките, на кој им додаде и фустани во неонски бои со асиметрични кроеви. Опуштено, модерно и тренди така би го дефинирале трудничкото секојдневие на оваа убавица.
Гвен Стефани
Гвен Стефани
Се чини дека ништо не може да ја изненади Гвен Стефани, па дури и кога станува збор за нејзиниот стил во време на бременост. Гордата мајка не отстапува од чевлите со високи потпетици и смелите комбинации кои секојдневно ги постира на социјалните мрежи. Вистината е дека убаво и стојат сите модни изгледи, па дури и кога е бремена. Кожените хеланки, тесните фустани,шапките, фармерките и потпетиците се нејзин заштитен знак. Модните критичари ја окарактеризираа како кул мама со стил.
Оливија Вајлд
Оливија Вајлд
Како чест кандидат на листите за најсекси жени во скоро сите машки списанија ширум светот и пример за тоа како треба да изгледа идеалната жена, Оливија реши да не крие својата бременост од јавноста. Со две одлични улоги во две филмски остварувања оваа година, таа буквално ги освои симпатиите појавувајќи се на црвениот килим во кобалтно зелен макси фустан на Гучи кој совршено го истакнуваше стомачето на гордата мајка. И Оливија во своите секојдневни модни варијанти се потпира на опуштениот изглед. Легијата од мноштво фанови кои таа ги има ги обожаваат нејзините модни комбинации особено за време на нејзината бременост.
Дру Баримор
Дру Баримор
Актерката, режисерка, козметички магнат, производител на вино, а сега и фотограф, Дру Баримор која никогаш не била фан на „слаткиот цветен изглед“ на годинешните награди „Златен Глобус“, пристигна во розовкаст фустан, исшиен со цветни латици. Предизвика лавина од позитивни реакции кај модните критичари кои меѓу другото велеа дека бременоста ја разнежнила Баримор. Но, на забавата на Шанел повторно му се врати на она што е во нејзин стил. Пристигна во долг макси црн фустан и наметка. Сепак како најдобро нејзино појавување се смета комбинацијата на фармерки со кошула во дезен од срциња. Сепак општ заклучок е дека Баримор е вистинска модна мама.
Сиара
Сијара
Пејачката навистина изненади со својот изглед на „Греми“ наградите пред некој ден, но не беше само изгледот кој предизвика лавина од реакции туку и трудничкото стомаче кое Сијара го покажа. Оваа пејачка дефинитивно знае како да изгледа и секси комбинирајќи бунда и потпетици, гламурозно во златна тоалета и едноставно во костим. Бременоста дефинитивно ја разбуди креативната фантазија на Сијара и таа изгледа совршено.