Ориентот владее со модните тенденции

17 мај 2017

Центарот на модната индустрија се поактивно се движи кон Исток. Дизајнерите се почесто се одлучуваат за наменски колекции за „источниот пазар" соодветен на нивната култура, најголемите модни куќи отвораат свои ексклузивни продавници, модните магазини лансираат свои изданија за тамошната публика, а распоредот на модни ревии станува се погуст. Истокот ја освојува модната индустрија, но истовремено токму ориентот е инспирација за актуелните модни тенденции.

Присутноста на ориенталниот стил е видлива речиси во сите актуелни модни линии и трендови.
Од раскошните линии за уредување на домот во кои доминираат мотивите на флората и фауната, до креациите во впечатливи форми и силуети и палета на бои преземени од источната култура.

Кимоното како прва асоцијација за традиционалната облека во источната култура, особено оваа сезона имаше инвентивни модификации адаптирани на современиот стил, па различни верзии на ова парче облека имаме можност да видиме во колекциите на звучни дизајнерски имиња.

Кломпите со дрвени платформи или на дебела штикла се уште еден значаен моден момент пресликан од ориентот, што важат за задолжителни модни додатоци во актуелната модна слика.

Цветните и апстрактните мотиви, како и оние со змејови, се аплицирани буквално на секое парче облека – од популарните бомбер јакни до џинс комбинезоните и фармерките.

Ориенталната естетика неизбежно е присутна и во уличната мода каде ќе ги забележите и најинвентивните форми на нејзината примена.

 

 

Објавено:
17 мај 2017
Категорија: 
Тренд
Прочитано:
806 пати