Од едноставни набори до сложени конструкции во стилот на оригами техника, дизајнерите од водечките модни куќи, во своите пролетни колекции создадоа традиционални и неочекувани интерпретации на спортски, романтични и футуристички стилови. Мијуча Прада ги позајми наборите од училишните униформи и креираше плисирани кратки здолништа кои беа вообичаени во 60-тите години. Салваторе Ферагамо претстави плисирани фустани во спортски крој, а слични забележавме и кај Александар Ванг. По техниката која потсетува на оригами, своите колекции ги создадоа Ботега Венета и Мери Катрантзу.
Но, без оглед на спортскиот тренд во модата, дизајнерите ја нагласија и женската силуета со лелеави плисирани ткаенини. Таков е примерот кај модната куќа Кристијан Диор, каде на писта можеа да се видат плисирани свилени фустани, а некаде разбиваше класиката со асиметрични кроеви, како кај Нина Ричи. Плисираните материјали во комбинација со јаки бои изгледаат одлично, а тоа го потврдија креациите на Селин. Случај кога плисираното се комбинира со металик нијанси, веднаш се добива футуристички ефет за кој пак се одлучија Живанши, Хајдер Акерман и Проенца Скулер.