Пролетните стајлинзи на македонските дизајнери

5 мај 2015

collage2

Кога се во прашање модните креатори, секогаш прво што не' асоцира на нив е нивниот дизајнерски печат и препознатливоста на нивните колекции. Најчесто нивниот личен стилски идентитет е ставен во втор план и е во сенка на  дизајнерскиот профил. Но, денеска наша тема е токму пролетниот имиџ на дел од македонските дизајнери. Затоа ги прашавме Стефанија Насеска, Олгица Георгиева, Роберт Ивановски и Билјана Каран како го дефинираат својот индивидуален пролетен стил, кое е нивното „must have“ парче, но и за нивниот личен поглед на актуелните пролетни трендови.

Стефанија Насеска

-Најчесто облеката за дневните изгледи е диктирана од моето утринско расположение. Поради практичноста која ми е потребна на работа, најчесто сум облечена во фармерки и маички. Но, кога не сум на работа изгледот е сосема поинаков. Високи потпетици и во дневна варијанта најчесто комбинирани со глог здолништа во различни должини и најчесто еднобојни во јаки бои, како и маички со принтови од Мики Маус.

-Има неколку парчиња кои ми се неизбежни оваа пролет а тоа се бели панталони со висок струк и широк крој. Глог миди здолништа со различни дезени. Во моментов омилено ми е тоа во жолта варијанта. И задолжителен детаљ е цветното венче кое го имам во сите бои.

-Жолтата е боја без која нема да помине оваа пролет. Како и сите пастелни нијанси. Јас веќе почнав да го полнам плакарот со овие бои како и белата. Високите потпетици со груб изглед.... За мене Мики Маус е неизбежен, додека пак за тие кои не ги обожаваат цртаните ликови, нема да направат утка ниту со цветните принтови и омбре материјалите.

Олгица Ѓоргиева

- Она што оваа сезона ќе биде must have се панталоните над глужд или до лист, со форма на здолниште.Можете да ги одберете во една боја или во некои од трендовските бои за оваа сезона како на пример жолта, бела или пак со некој дезен како каро или твит.

- Бидејќи моето секојдневие е доста активно, поголем дел од денот сум во движење и она што постојано е со мене се удобните чевли за пешачење. Во однос на стилот, гледам да направам комбинации помеѓу елеганција и кежуал. Јас во принцип сакам минималистички , чист изглед и многу често го практикувам и во сопствениот изглед и стил.

mak-diz

-Оваа сезона како актуелна боја се јавува жолтата, но и црно –белите комбинации се исто така нешто што треба да го имате. Целосна бела комбинација... Доста се модерни и материјалите со твит или каро дезен,  парчиња од тексас, од кои најмногу развлечени фармерки до глужд ... Тантелата како материјал е актуелна, која можете да ја претворите во романтичен фустан. Лесните материјали, со цветни дезени ќе бидат актуелни, а исто така и бајковити фустани кои наликуваат на балерина стил или слично.

Роберт Ивановски

Без што не излегува од дома во оваа актуелна сезона го прашавме и младиот дизајнер Роберт Ивановски:

- Иако не сум личност која прави големи стилски промени, сакам да експериментирам во начинот на облекување, и сепак знам да направам промени, но секогаш се држам на една основа која е претпознатлива за мене. Зависно од моменталното расположение одбирам што ќе облечам, па оваа сезонава најчесто тоа е удобна и конфортна облека. Бидејќи времето сè уште е променливо, не излегувам без јакна или некое спортско сако. Очила за сонце се задолжителен детал без кој не излегувам од дома.

За него задолжително парче за оваа пролет се памучни маички со интересни принтови и натписи, а во таа насока се и трендовите кои Ивановски ги предлага за пролет-лето 2015:

Robert

- Секогаш ин класичната црно- бела комбинација во различни кроеви, текстури и силуети збогатена со принтани детали е една од водечките трендови оваа сезона. Црвената, портокаловата како и лимон жолтата боја се голем тренд сезонава. Џинс во комбинација со памучни ткаенини , интересни натписи низ облеката, графички принтови, поп-арт принтови и детали се дел од големиот избор на она што можете да го носите сезонава – изјави Роберт.

Билјана Каран 

-Аурата на 70 – тите го има главниот збор оваа сезона. Комбинезон панталоните во сите варијанти се на врвот на листата, тие се ултра модерни и со соодветната комбинација во стајлингот, водат во својата функционалност, а може да ги носите во речиси секоја пригода, а ќе ги најдете изработени од jeans, jersey или некој интересен дезен. Во последните неколку сезони, сѐ поизразен е контрастот помеѓу лежерното и ултра луксузното, но се чини дека пикот го доживеа токму ова лето во идеалната хармонија на sporty deluxe комбинациите што маестрално е доловен во колекциите на Александар Ванг.

-Мојот избор би бил hippy deluxe како што може да забележите на фотографиите со Калина. Посебно внимание посветив на тоа да се чувствувате удобно во било кој од моделите што Ви ги предлагам, бидејќи за мене тоа е вистинскиот печат на луксузот/изглед и функционалност, совршена целина.

Дел од новата колекција на Каран Дел од новата колекција на Каран

- Disco Diva се чини е инспирацијата зад колекциите на некои од водечките дизајнерски имиња. Погледнете ги колекциите на Том Форд и Раф Симонс за Диор и ќе добиете идеја. Високите припиени lurex чизми на Диор во голем избор на бои и дезени со транспарентна дебела потпетица се екстремно шик. Исто така, металик структурата во диско фазон е особено актуелна. Ziggy Stardust на Bowie имаше свој придонес како извор на инспирација. Во поглед на целокупната слика за трендовите ова лето неминовен е контрастот, токму тој го заокружува изгледот за модерниот боемски романтизам конкретно кај Живанши. Транспарентност, vintage принтови, дезени во пруги, асиметрични рабови, спортско, а шик, луксузно украсен џинс, suede во боја, футуристички материјали, lurex, khaki тонови и префинета тантела...ова се само дел од трендовите со кои може да си играме ова лето.

Забавата може да почне!

Објавено:
5 мај 2015
Категорија: 
Тренд