Топ пет стајлинзи од првата вечер на FWSK

24 октомври 2014

По долгото патување, караванот на модни недели конечно пристигна и во нашата метропола. Вчеравечер во извонредната Мала Станица започна десетото издание на Модниот викенд Скопје, каде покрај двете одлични ревии на талентираните Јован Петровски и Јована Филиповиќ, можевме да видиме и навистина импресивни стајлинзи меѓу публиката.

Претежно младата популација која преовладуваше во изложбениот простор, годинешното издание на Модниот викенд се одлучи да го започне во претежно темни бои како синоним за долгата и студена есен.

Низ црната и претежно кафена боја кај изборот на публиката, се проткајуваа и неколку светли комбинации кои за момент нѝ овозможија бегство од есенскиот студ.

Нашиот објектив ги фокусираше петте највпечатливи стајлинзи од првата вечер на десетото издание на Модниот викенд Скопје.

Стајлинг број 1.

Шармантната Андријана Трајковска вчеравечер имаше дефинитивно еден од највпечатливите стајлинзи, со оглед на феноменалните едноставни и минималистички парчиња што таа ги комбинирала на одличен начин. Нејзината позитивна енергија со која зрачеше, дефинитивно беше совршениот моден додаток за украсување на целата комбинација. Облечена во нежно фустанче во бела боја и уникатен тренди волуменозен елек - дело на дизајнерката Јована Филиповиќ, оваа девојка беше една од највпечатливите на двете ревии. Нејзината комбинација беше само уште еден доказ дека едноставноста и минималната естетика се секогаш вашите најдобри пријатели!

Стајлинг број 2.

Подеднакво впечатлива беше македонската блогерка Јована Зука која на првите редови им даде една неверојатно стилска, минималистичка димензија. Највпечатливи од нејзиниот стајлинг апсолутно беа црната шапка како ИТ парче за оваа сезона, шик бундичката и уникатната клач чантичка со златни детали. И оваа девојка како и претходната, по кој знае кој пат докажува дека минималистичкиот стајлинг и едноставните, но впечатливи и уникатни детали се најважните при секој избор!

Стајлинг број 3.

Помеѓу женските стајлинзи, решивме да издвоиме и едно момче кое дефинитивно зрачеше со неговата неприкосновена позитивна енергија која беше највпечатлива од целиот стајлинг. Тој се одлучил за целосен џинс стајлинг, составен од фармерки со едноставен крој, интересна маичка со кул принт и тексас кошула врз која изгледот го заокружил со  јакна од истата текстура. Особено интересни беа неговите кружни очила и шик -капчето во црна боја, кои заедно со ретро мустаќите го направија еден од најуникатните во „Мала Станица“!

Стајлинг број 4.

Една од девојките што  ја разведрија првата вечер од Модниот викенд, дефинитивно беше и  манекенката Ана Исаиева. Таа се   одлучила за интересна комбинација од есенски бои. Ана одлично ја споила транспарентната кошула во зелена боја со куси свилени панталони со принт во зелени нијанси, стајлинг на Цаци Паковска. На тоа, додала  кожена јакничка со кратки ракави во кафена боја од нејзината домашна колекција, која одлично ја вклопи со високите чизми во иста боја. Особено впечатлива беше нејзината минимална шминка и фризура со што  уште еднаш докажа дека е една од најубавите македонски модели.

Стајлинг број 5.

Особено сексапилна вчеравечер беше водителката Симона Николовска која се појави во кусо црно фустанче со длабоко деколте за кое вели дека самата го дизајнирала. Истото, беше со фантастична и елегантна должина до под колената, а прекрасната Симона се одлучи да го комбинира со високи софистицирани потпетици во златна металик нијанса. Што се однесува до модните додатоци, водителката овој пат одбра масивен  ѓердан во иста нијанса со потпетиците и клач чанта во црна и златна боја, што одлично се вклопи во целата елегантна комбинација.

Објавено:
24 октомври 2014
Категорија: 
Тренд