Успешната германска блогерка Леони Хана со над 4 милиони следбеници на Инстаграм, која работи во модниот сектор во Лондон неколку години, е модна инспирација за многу жени кои претпочитаат женствен, а истовремено смел имиџ.
Оваа стилистка и модел, успеа да се истакне токму со храбриот пристап кон тенденциите, секогаш оставајќи простор за мали стилски експерименти што го поткрепуваат нејзиниот уникатен изглед.
Интензивните бои, миксот на стилови и женственоста во преден план, се неколку карактеристики кои ја дефинираа како ѕвезда во уличната мода.
Токму тоа ѝ ги отвори вратите кон луксузната мода, овозможувајќи ѝ соработки со престижни имиња како „Диор", „Живанши", „Клое", „Тори Бурч" што придонесе за уште поголема популарност на нејзиниот Инстаграм профил.
Често објавува фотографии со свечени и екстравагантни комбинации, па кога ви недостасува идеја за свечен изглед може да го посетите нејзиниот профил.
Или пак ако сте во потрага по идеја како да го комбинирате омилениот фустан во интензивна боја или како широките панталони да ги стилизирате во романтична комбинација, повторно меѓу комбинациите на Хана ќе наидете на богата инспирација.
Во последно време, нејзин омилен избор се фустаните со асиметрични исечоци, капутите и блејзерите во силни бои, како и пердувите и ресите како впечатливи додатоци од атрактивните модни тенденции.