Ален Кембел е името на човекот што речиси целиот свој живот готви. По завршувањето на образованието, почнува да работи во неколку бостонски хотели и ресторани. За време на престојот во Мајами работел и во Gansevoort Hotel, каде се опседнал со храната и диетите базирани на билки.
Токму во Мајами ги запознава и своите сегашни „газди“, Том Брејди и Жизел Бундшен, за кои вели со големо задоволство готви.
Во интервјуто за boston.com, тој открива за тоа како изгледа еден работен ден, што познатото семејство јаде, а кои намирници никогаш не ги употребува.
Дел од разговорот ви пренесуваме во продолжение:
Работата како приватен готвач за многумина е работа од соништата. Како Ви се случи Вам?
-Жизел и Том се првото семејство за кое готвам. Никогаш не сум бил приватен готвач, отсекогаш сум работел во хотели и ресторани како главен готвач. Во времето кога ги запознав, бев мошне фокусиран на оброци и исхрана базирана на растенија. Нивниот претходен готвач имал слична перспектива на работење, а тие го барале токму тоа – сличност со нивниот претходен вработен. Уште од самиот почетокот се поклопи тоа што тие го бараат и мојата философија на работење. Тоа значи пред сè здрава, органска храна.
Што им готвите на Том, Жизел и децата?
-Речиси 80 отсто од тоа што го јадат е зеленчук. Купувам свеж зеленчук. Ако не е органски, не го употребувам. Исто така, користам кафен ориз, просо, зрнеста храна. Останатите 20 отсто е месо, без маснотии – стек полнет со зеленчук, месо од патка и пилешко. Што се однесува до рибата, најмногу им готвам чаден лосос. Во секој случај, многу различна исхрана од вообичаената американска. Ако најчесто јадете јаглени хидрати и шеќер, што повеќето луѓе го прават, вашето тело ќе стане кисело, а тоа потоа предизвикува разни болести. Том неодамна престана да пие и Кока Кола што многу ме израдува. Шеќерот е смрт за луѓето.
Кои намирници не ги користите воопшто?
-Бел шеќер. Бело брашно. Користам само малсиново масло, но за салати, никогаш не готвам со него. Готвам со масло од кокос. Исто така, користам розова хималајска сол, а не јодизирана. При готвењето не користам ниту домати, пипер, печурки или модар патлиџан. Домати користам можеби еднаш месечно. Треба да се биде внимателен со намирници што можат да предизвикаат разни воспаленија во организмот. Што уште? Во мојата кујна нема кафе, ниту кофеин. Нема габи, печурки, млеко. Децата јадат овошје. Том и Жизел не јадат многу овошје, особено Том. Тој преферира смути од банани, инаку нема да ги јаде.
Јадат ли и децата исто што и Жизел и Том?
-Да, во голема мера. Кога почнав да работам, Виви имаше само девет месеци, па всушност јас ѝ ја готвев првата храна. Речиси и да немаат различна храна. Иако јас готвам и за децата, ручекот што Бени го носи во училиште го прави Жизел и го пакува. Неодамна за децата направив вегетаријанско суши за децата – кафен ориз, авокадо, морков и краставица. Децата го обожуваат. За ужина им правам на грицки од банана, ананас и спирулина.
Како изгледа еден ваш обичен работен ден?
-Па, зависи од тоа дали Жизел и Том се дома. Понекогаш патувам со нив, но не многу често. Ако се подолго време на пат, тогаш им правам резерви со намирници и се слушаме каде и да се наоѓаат и им кажувам што е добро да јадат. Ако не се тука, тогаш имам и други клиенти и работам како консултант во ресторани. А, ако се тука, тогаш станувам, понекогаш медитирам. Правам јога вежби, а потоа одам во теретана. Зависно од денот, понекогаш одам да испазарам пред да одам во нивната куќа. Кај нив сум околу 11 часот, а ручекот им го сервирам околу 12.30. Потоа, најчесто одам повторно да пазарам, па готвам, а вечерата ја сервирам помеѓу 17.30 и 18 часот. Си заминувам околу 19 часот.
Како изгледа да се грижите за исхраната двајца луѓе на кои телата им се најважниот дел за нивната работа?
-Токму тој дел ја прави оваа работа пријатна и убава за мене. Ако готвев за било кој друг кој немаше да ја почитува мојата храна, како што тие го прават тоа, тогаш ни јас немаше да уживам. Мислам дека тоа е она што ме прави среќен на крајот од денот. Јас го правам она што навистина го сакам, а тие имаат бенефит од тоа.
Резултатите се и повеќе од очигледни