Иако сакаме модата на корсетите засекогаш да помине, сведоци сме дека голем број девојки сѐ уште ги обожаваат, без оглед на тоа што и самите доктори предупредуваат колку истите можат да бидат опасни и по здравјето.
Доколку ги набљудуваме историските епохи, можеме да забележиме дека токму вакви примери на враќање во мода на парчиња од минатото има многу, колку и да се смешни истите. Во секоја епоха, постоел и различен „тренд“ на женското тело што уште еднаш укажува на тоа дека никогаш не постоела „совршена женска фигура“.
Во продолжение погледнете ги трендовите кај женското тело низ неколку различни епохи и на крајот на денот – уживајте во своето уникатно тело!
Ренесанса
Во овој период помеѓу 1.400. и 1.600. година, раскошните тела на жените се сметале за неверојатно убави и посакувани. На бројните фотографии од ова време, можеме да забележиме раскошни женски фигури со крушкаст облик, со бујни гради и колкови, со голем стомак што секогаш упатувал на плодност.
Се носеле долги, масивни фустани со многу накит, тренд што е случај и денеска, а припадничките на повисоките слоеви ја фарбале косата во сина боја (карактеристично за ѕвездите во последно време). Тогаш дури владеел и тренд на бричење на челото кај жените за истото да изгледа повисоко бидејќи се сметало за одраз на висока интелигенција, за што се надеваме дека нема да се врати наскоро!
Викторијанска ера
Викторијанската ера (1837 – 1900) е многу специфична според мислењето на многумина, дури и бизарна. Што се однесува до естетските критеруми, во тоа време многу се ценела исклучително тенката половина во контраст со бујните гради и задникот. За да се постигне ваква фигура, жените носеле тесни корсети со кои се стегнувале до степен што многу често завршувале со скрешени ребра! Покрај ова „помагало“, тие се изгладнувале до граница на издржливост, во текот на целиот ден живееле на вода помешана со јаболков оцет. Тогаш за прв пат била дијагностицирана и анорексијата кај многу девојки.
Дваесетите...
Жените со „момчешка“ фигура одеднаш ги потиснаа раскошните убавици. За да ги оправдаат своите смели ставови и начин на живот (цигари, алкохол, ноќен живот, па дури и голф), тогашните трендсетерки се труделе што повеќе да личат на мажи. Носеле облека со едноставно машки кроеви, а особено атрактивни биле и жените со мали гради и тенки нозе. Како се хранеле? Па со виски и цигари!
Скромна и секси домаќинка
Помеѓу триесетите и педесетите години на минатиот век на сцената настапија секси домаќинките во конзервативни фустани што особено може да се забележи во тогашните реклами. Токму тогаш се појави и трендот на „песочен часовник“ кај женското тело, што резултираше со бројни различни диети. Се носеле строги и конзервативни фустани без деколте и прерамки, со должина над глуждовите, а како одраз на елеганцијата и стаусот, се носеле и бели ракавици.
60 – тите и „Твиги“ изгледот
Оваа мода, на среќа, не траеше многу долго – исклучително слабото тело можеше да се види кај сите девојки од тоа време. Всушност, слабо тело можеби и не е соодветниот збор, бидејќи тогашните згодни жени биле она што ние денеска го нарекуваме анорексични. Модната икона на 60 – тите по која овој тренд беше запамтен, Твиги, денеска е модна дизајнерка!
80 – тите и облините!
На Синди Крафорд треба да и се заблагодариме за многу работи. Таа го врати во мода природниот и раскошниот изглед и докажа дека една девојка може да биде убава и посакувана и покрај ситните аномалии и асиметричноста (нејзината позната бемка за која многумина ја советуваа да ја отстрани). Покрај ова, таа ја започна и фитнес ерата, насочувајќи ги сите жени во светот кон салите за вежбање. Нејзиното влијание траеше сѐ до доцните 90 – ти.
Памела и 90 – тите...
Сосема го разбираме фактот што Памела Андерсон беше апсолутен секс симбол за сите мажи во тоа време, но нејзиното влијание врз жените беше тотално негативен. Вештачки изглед, Барби стајлинг, платинесто руса коса, впечатлива шминка, силикони и екстензии беа доминантна естетика на овој период. За среќа, тоа време помина, а Памела денеска изгледа сосема поинаку!
Денеска – природна убавина, вежбање и здрава исхрана
Денеска, сѐ повеќе се говори за природната убавина и потребите на просечната жена, а се инсистира и на редовно вежбање и здрава исхрана. Практично, денеска се продолжува со оној тренд што го постави Синди Крафорд, што може да се докаже и со големиот успех на убавиците како Бар Рефаели, Кејт Аптон, Кели Брук... а сѐ повеќе реклами денеска се и со plus size модели.
Она што на крајот можеме да ви го посочиме е дека најважно од сѐ е да се грижите за своето тело и да го сакате онакво какво што е, без потрага на совршеното, бидејќи истото и не постои. Редовното вежбање и здаравата исхрана полна со витамини ќе ви овозможат убавина каква што не можете ниту да замислите.