Ако им се верува на бројните статистики, а и на искуството, жените поминуваат многу време пред огледало. Добар дел од тоа време оди и на средувањето на косата. Убава и негувана коса е нешто што го посакува секој човек. Покрај генетиката, за тоа се потребни и бројни квалитетни производи.
Гел, пена, лак за коса, силиконски капки, регенератор, маски се само дел од оние што секојдневно се користат. Но, при нивната употреба честопати и се греши.
А во продолжение ви откриваме и каде:
Го држите лакот за коса премногу блиску до косата
Сигурно и вас ви се случило да не можете да го држите лакот за коса на доволна оддалеченост. Со прскањето на лак премногу блиску до косата си правиме контра услуга. Наместо цврста фризура, но сепак пријатна под допир, добиваме премногу цврста коса, дури и крута и непријатна за допир. Идеалната раздалечина е 30 сантиметри, при што лакот за коса секогаш држете го под агол за да се распрска насекаде.
Прскате спреј за заштита од топлина само неколку пати и тоа откако ќе ви се засуши косата во крпа
Ако сте љубител на права, пеглана коса, тогаш овој спреј задолжително да се стави на цела коса, со особен акцент на предните прамени, кои најлесно горат од употреба на пегла. Напрскајте ја цела коса, а потоа со чешел расчешлајте ја, за средството подеднакво да биде распространето.
Користите премногу регенератор
Регенераторот ја обновува и хидрира косата, но ако претерате, вашата коса ќе биде тешка и без волумен. Наместо да ставате една кесичка на пример, директно врз коренот или на дланка без да го размачкувате, ставете ја содржината на дланките и размачкајте ја, како кога ставате крема за раце. Потоа, со рацете поминете низ косата или само на врвовите. На тој начин производот ќе го нанесете порамномерно.
Ставате лесен спреј само на краевите, бидејќи тие се најсуви
Ваквите спрејови ја виткаат косата и ја хидрираат, па е подобро да се нанесуваат од коренот до врвовите. Ако имате квалитетно влакно на коса, тогаш може да се нанесува од средина на косата, со што ќе се задржи волуменот.
Ставате крема за обликување од коренот надолу
Директното ставање на крема за обликување и тоа во поголемо количество ќе ја уништи секоја шанса да имате волуменозна коса. Косата поделете ја на два дела, а кремата за обликување ставете ја на дланки и размачкајте. Со прстите како со чешел поминете низ секој од деловите. На тој начин ќе го имате саканиот ефект.
Откако ќе ја исушите косата, ставате производи за сјај
Коса со сјај е нешто прекрасно, но сепак, сакате да го сочувате волуменот после миењето. Токму затоа, не ги ставајте силиконските капки, или лосионите за сјај по целата површина на косата. После миењето на косата, коренот е доволно сјајен, па поризводите нанесете ги само на краевите, за да го постигнете саканиот резултат и да ги „смирите“ непослушните прамени.