Како да ја вратите живоста на оштетената коса?

4 октомври 2022

Здравата и негувана коса е резултат на повеќе фактори, како внатрешни така и надворешни, и е секако желба на многумина.

Во најголем дел од времето, главната улога во здравата, цврста, густа и сјајна коса ја имаат гените, но сепак постојат одредени животни навики кои можеме да ги имплементираме за да ѝ помогнеме на нашата коса да го постигне својот полн потенцијал.

Дел од тие промени за почеток би биле да ги избегнеме најголемите грешки, како употреба на електрични апарати за исправување, виткање и сушење на косата, стегање во цврсти опафчиња, како и чешлање на мокра коса. Овие постапки можат долготрајно да го уништат влакното, како и да ја изретчат косата.

Затоа, овојпат ќе посветиме малку време на трите главни чекори кон поздрава и пожива коса, особено по летните месеци кога сонцето секојдневно имаше негативно влијание врз влакното.

Редовно посетувајте фризер

Покрај тоа што ќе го поттикне растот на косата, средувањето ќе ве ослободи од испуканите врвови кои прават вашата коса да изгледа безживотно. Исто така, свежо потскратената коса е полесна за одржување, со оглед на тоа што оштетената коса е склона кон заплеткување.

Внимавајте на исхраната

Недостатокот на биотин или цинк може да предизвика вашата коса да стане слаба и кршлива. Токму затоа експертите препорачуваат редовно внесување на хранливи материи потребни за вашата коса, кои ќе влијаат на растот на здравата коса, а воедно ќе го зајакнат коренот на вашата коса.

Нежно чешлајте ја косата

Покрај тоа што е важно да не ја чешлате косата додека е мокра, важно е и овој чекор да го правите полека и нежно. Имено, со ненадејно влечење на косата, можете дополнително да ја оштетите и да ја направите кршлива.

Објавено:
4 октомври 2022
Категорија: 
Убавина
Прочитано:
789 пати