Приказни од градот

Мери Бајрамовска, мејкап артист: Трендот на сегашното време е природниот изглед

17 јануари 2023

Веќе една деценија, Мери Бајрамовска е дел од светот на професионалните визажисти, нетенденциозно низ годините градејќи ја својата препознатливост во работата. Нејзини мејкап туторијали со карактеристично контурирање, објавиле престижни магазини како Daily Mail, US Magazine, Elle Canada, па така светот слушнал за Мери од Македонија која е во љубов со својата пасија за шминкање. Талент и посветеност, се комбинација која ветува успех, а 2022 година за неа беше професионално навистина богата и успешна година. Популарна е и на Инстаграм, каде нејзиниот профил @makeupmeri има речиси 90.000 следбеници со кои го споделува секојдневието од нејзиното мејкап студио.

Таа е релевантен соговорник кој може да ни ги посочи и тенднециите во шминката во годината во која штотуку навлеговме, а во разговорот во продолжение ни сподели и неколку корисни и практични совети кои се однесуваат на козметиката, негата на кожата во зима и дискретниот деловен мејкап.

Какви мејкап тенденции нè очекуваат оваа година?

Визиите на мејкап артистите за оваа година се одликуваат со разноликост, така што во нив ќе се пронајдат и оние кои го преферираат природниот свеж изглед, но и оние кои преку шминката сакаат да остават силен впечаток. Пролетта ги враќа на сцената боите. Ајлајнерот е еден од оние трендови кои никогаш не исчезнуваат. Но, во секоја сезона се со имплементирани алтернативи. Тенот е еден од клучните трендови на секое лето, многу сочна и сјајна кожа. За да го постигнете ова, само треба да користите добар хидратантен крем со фактор за заштита од сонце. Исто така, време е максимално да ги покажете усните. Оваа година се враќаат силни, долготрајни бои, но со помазна, посатенска завршница од пред неколку сезони. Кармините се повеќе кремасти, хидратантни, па дури и со ефект на сјај...

Во различни сезони, кожата има потреба од соодветна нега. Како да ја заштитиме нашата кожа во зима?

Една од основните функции на нашата кожа е нејзината заштитна функција која спречува губиток на вода. Таа заштита ја сочинуваат маснотии кои формираат заштитен липиден филм на површината на кожата. Ладниот и сув воздух ја намалува количината на природни масти при што од површината на кожата испарува поголема количина вода. На тој начин кожата станува дехидрирана, сува и се лупи. Грубата, сува и иритирана кожа е склона кон создавање на егзем. Зимскиот период ги влошува и хроничните состојби на кожата како што е псоријазата, атопичниот дерматит и себорејата. Црвенилото и проширените капилари стануваат видливи поради наглото преминување од ладно на топло.
Особено е важно да се надомести влажноста која е изгубена, и тоа со користење креми кои не покрај хидратантни состојки содржат и маслена состојка. Зимското сонце во комбинација со рефлексија од снег исто така ја суши и оштетува кожата. Затоа, користење крем или заштитен фактор со најмалку SPF фактор 30 кој штити од UVA и UVB зраци е особено важно.

Како да постигнеме дискретен мејкап и свежо лице, на работното место?

Во принцип, можеме да кажеме дека секоја девојка ќе може да создаде своја светла и уникатна слика за секој ден или за деловни состаноци.
И покрај очигледниот тренд на светлите 90-ти во облеката и шминката, трендот на сегашното време е природниот изглед. И иако се нарекува и „природно", бара многу труд од страна на шминкерите. Користејќи природни нијанси на подлога, кармин, сенки за очи и маскара, тие создаваат прекрасна верзија на природната убавина на девојката.

Што го прави посебен Вашиот личен пристап во дефинирањето на стилот на шминкање?

За да се дефинира еден стил не е доволна само моќта на дланките туку и квалитетот на производите со кои се шминкате. Во мојот салон за убавина ќе бидете дел од најреномираните брендови кои се движат со репутација за иновации, софистицираност и супериорен квалитет на ниво на престиж на ултра премиум луксуз: M.A.C.- Urban Decay - Estée Lauder - Bobbie Brown - Make Up For Ever - Sephora - Lancôme. Anastasia Beverly Hills , Kiko Milano ,Тhe Balm Cosmetics ,Tarte Cosmetics,Too Faced и многу други брендови кои се синоним во целиот свет каде шминката претставува уметност, со талентирани уметници со стил, чија елегантност ги красат страниците на сите водечки списанија и со кој се достигнува врвот во козметичката уметност. Токму затоа одбрав да работам со високо квалитетни фирми бидејќи сметам дека секоја жена го заслужува најдоброто.

Бидејќи сѐ уште ги сумираме впечатоците од минатата година, што за Вас ја обележа 2022 и кои се вашите професионални предизвици за 2023?

Она што за мене ја обележа 2022 е признавњето на најголемата заедница на светот, со повеќе од 3 милијарди активни корисници месечно, тогаш знаете дека сте на вистинскиот пат кон исполнување на својата животна мисија. @makeupmeri е единствен официјално Verified страница на Instagram од Македонија."

Исто така на четвртиот „U&Z Influencer Awards", што се одржа во декември во организација на специјализираниот магазин за жени „Убавина и здравје" ја имав таа чест да добијам награда за „Makeup influencer Award" за 2022 година.

Ова награда ми преставува голема чест и поттик за понатамошен успех исто така оваа награда ја посветив на мојата соѓраќанка Маја Миа која прерано замина од овој свет, а ми беше голема поддршка во моите почетоци. Се надевам дека е на подобро место.

 

Објавено:
17 јануари 2023
Категорија: 
Убавина
Прочитано:
1.863 пати