Како да направите вашето лице да изгледа совршено дури и кога „сè се топи" на високите температури? Постојат одредени мејкап трикови кои ќе ви дадат професионални резултати и кога немате професионалец во близина. Тајната лежи во избегнување на тешката и мат шминка и замена на истата со посветли, помеки и полесни продукти и бои.
Во таа смисла, ние ќе ги споделиме со вас нашите омилени летни мејкап трикови кои ќе ви помогнат да го постигнете посакуваниот изглед ова лето.
Масло за усни
За многумина карминот е незаменлив дел од мејкап рутината и нема потреба да биде изоставен. Она што ние го препорачуваме е да ги оставите настрана мат формулите и да му дадете шанса на волшебното масло за усни. Освен што нуди основна хидратација на нежната кожа на усните, маслото ќе ви го даде оној сјаен и сочен изглед кој е неодолива комбинација со исончаната кожа во лето.
Вљубете се во бронзерот повторно
Постојат оние кои се апсолутно зависни од бронзер, и оние кои не сакаат ни да помислат да го користат. Но бронзсерот е веќе долго време еден од најчестите чекори во шминката, а тоа значи дека мејкап индустријата вложува постојан напор да ја усоврши неговата формула. Денес постојат бронзери кои се совршен микс од пудра и крема и речиси да се топат во кожата давајќи ѝ прекрасен природен бронзен сјај совршен за летните денови. Најпосакуван резултат се постигнува доколку го нанесувате со прстите и нежно го втривате на посакуваните предели од лицето.
Никогаш доволно хајлајтер
Летниот одмор е совршено време за експериментирање, па и кога тоа значи користење на хајлајтер во значително поголеми количини. Вашата исончана кожа ќе блесне уште повеќе доколку нанесете хајлајтер на надусниците, брадата, јаболчниците, мостот на носот, под веѓите или внатрешниот агол на очите.
Невозможно е да згрешите со бојата на праската
Бојата на праска е совршено неутрална нијанса која прекрасно се слева како со топли така и со студени тонови. Без разлика на тоа кои бои ги носите на себе, бојата на праска ќе изгледа неодоливо на вашите образи, очни капаци или усни. На бледата кожа ќе и даде свежина и руменило, а на темната ќе и даде дополнителен сјај и живост. Невозможно е да згрешите со оваа боја.