Од Норма Џин до Мерилин Монро со Макс Фактор

12 јануари 2015

Иако е мртва веќе повеќе од половина век, холивудската најпопуларна русокоса е сè уште актуелна. Козметичкиот гигант Макс Фактор најави дека токму Мерилин Монро ќе биде новото лице на брендот и покрај нејзината смрт во далечната 1962 година.

Како „глобален амбасадор на гламурот“, таа ќе ја има главната улога во овогодишните рекламни кампањи на брендот. Рекламите ќе ја нагласат потребата на шминката и ќе покажат дека игра главна улога во трансформацијата на Монро, од плашлива Норма Џин до платинестата бомба која и ден денес важи за еден од најобожаваните секс симболи. Гламурозната актерка чиј живот заврши на 36 – години, редовно ги користела козметичките и декоративните производи на Макс Фактор во 1940 – тата година. Поточно, актерката го посетувала салонот лоциран на булеварот Холивуд, кој беше претходник на овој бренд.

„Мерилин ги направи славни црвените усни, белата кожа и драматичните очи, кои се воедно и најпознатиот изглед на 1940 – тите, а тоа е поглед кој продолжува да доминира во модната индустрија. Тоа е тој изглед кој го дефинира гламурот кај една жена, но и софистицираниот изглед“, вели Пет Мекграт, креативната директорка на Макс Фактор. Особено е интересен фактот дека минатата година Форбс ја рангираше Мерилин Монро на шестото место на годишниот список за мртви личности со најголема заработувачка.

Монро, умре на 36 години од предозирање во 1962 година. Таа беше мажена за бејзбол ѕвездата Џо Димаџо и драмскиот писател Артур Милер, а неодамна е потврдено дека имала афера и со претседателот Кенеди и неговиот брат Роберт. Меѓутоа, личните трауми и болестите беа оние кои го одбележаа нејзиниот живот последните години од животот. Никогаш не е докажано дали нејзината смрт била самоубиство или несреќа.

Објавено:
12 јануари 2015
Категорија: 
Убавина