Нано Бар во скопската населба Дебар Маало беше местото каде вчера се одржа целодневна работилница за убавина и декоративна козметика со стилистките и мејк – ап артисти Цаци Паковска и Магдалена Медичи со поддршка и декоративна козметика од Авон.
Сосема очекувано, дел од работилницата беа многу девојки, блогерки и новинарки кои сакаа да слушнат совет плус од овие стилистки.
„Денеска се случува многу интересен собир на девојки и жени за кои Авон нѐ ангажираше да одржиме едно предавање, но мојот предлог беше да има и интеракција со сите присутни, односно како, на најбрз начин, да научите да се шминкате со шминките што ги имате дома. Многу е лесно да бидеш професионален шминкер, да имаш и супер шминки и алати за да направиш совршена шминка, но честопати се случува дома кога ќе се обидете да го направите тоа, да не ви успее. Затоа, јас се обидов преку неколку совети да им помогнам на жените како најлесно и најбрзо да се нашминкаат и да научат да ги изразат најубавите делови од сопственото лице“, вели Цаци.
Советите што таа им ги посочи на присутните девојки, се однесуваа на тоа како се одвива редоследот на шминкање, како да се одбере правилната боја на течна пудра, како да се нанесе руменилото во зависност од формата на лицето итн.
„Јас не верувам во трендови кај шминката, затоа што тоа е повеќе еден маркетиншки трик на козметичките компании, но верувам дека секогаш, секоја жена треба да си ги одбере вистинските бои и сенки и бои на руменило, кармин и пудра што ѝ одговараат на бојата на кожата, на косата и очите, бидејќи тоа е единствениот водич што треба да им биде важен. Не значи дека ако во моментов е актуелен црвениот кармин, дека и на вас ќе ви стои. Значи точно треба да знаете што ви стои и така да се шминкате“, посочува Цаци.
Нејзината партнерка во работилницата, Магдалена Медичи повеќе се задржа на тоа како треба да изгледа секојдневната, но и деловната шминка кај девојките и како истата да ја одберат, а да не погрешат.
„Мојот дел денеска е деловната шминка и контурирање на лицето. Претежно се задрживме на тој дел, околу контурирањето на лицето и деловната шминка, односно како жените би требало да се средуваат во својот деловен, работен ден, значи да не претеруваат со премногу шминка или да не ставаат премалку. Да внимаваат како ќе ги одберат сенките, според тенот, според возраста и слично. Разликата помеѓу деловната/секојдневната шминка и вечерната, е тоа што количината на шминката би требало да е малку помала од таа навечер и задолжително, преку ден да избегнуваме да ставаме премногу црно на очите, за разлика од тоа што навечер веќе сѐ е дозволено, според типот и формата на окото секако. Во текот на денот не треба да се претерува со камената пудра, бидејќи таа се забележува на сонце, а навечер веќе е дозволено и повеќе пудра, појак кармин и повеќе руменило“, советува Магдалена.
Во однос на трендовите, таа посочи дека секое лето се наметнува еден супер тренд што девојките можат да го практикуваат.
„Станува збор за тренд што асоцира на сонце, на плажа, на нешто убаво... Тоа е бронзениот тен што е неизоставен дел од имиџот на секоја девојка. Во овој период, помодерни се темните кармини, но секако, не му стои на секој таа нијанса и истата треба внимателно да се одбере. Коралните нијанси, златниот тен, бронзените образи, седефастите сенки за очи се супер во летната сезона“, завршува Магдалена.