Топ 10 најлуксузни фризерски салони во Лондон

22 јануари 2014

Речиси и не постои девојка и жена што не ужива во посетата на фризерски салон. Третманот на косата може да биде и луксузен момент во едни од најпрестижните фризерски салони, каде познатите ја препуштаат косата во рацете на големите професионалци. Во продолжение ви ги претставуваме топ 10 фризерските салони во Лондон, каде ентериерот е воодушевувачки, а услугата на врвно ниво. Ако некогаш сте во посета на Лондон, а ви треба фризер, еве ги предлозите каде може да ја стилизираат вашата коса како никогаш досега, се разбира за цена далеку поразлична од што сте навикнале. Ако пак стоите на ставот дека фризерот не се менува, тогаш погледнете колку уникатно може да изгледа еден фризерски салон и зошто познатите се одлучиле токму за нив.

Даниел Хендерсон- е омилениот фризер на познатите и во Лондон важи за еден од најдобрите. Манекенки, актерки, модни уредници, ја обожаваат работата на Даниел. Неговиот салон функционира од 1990 година, а ентериерот е блескав и на врвно ниво.

Џош Вуд- заслужено во листата на најдобрите и е непобедлив во искуството за фарбање коса. Тој е еден од најангажираните фризери за време на модните недели. Вуд ја обожава природата, а токму поради тоа во неговиот луксузен салон има многу зеленило што дополнително го разведрува просторот.

Мајкл Џон- името на овој салон значи многу за познатите. Доказ дека е еден од најпрестижните, е безрезервната посета на уредничката Ана Винтур и принцезата Беатрис. Многу кристали, цветни аранжмани и блескава чистота.

Даниел Галвин- е фризерот што во 2006 доби посебна награда за внесување иновации во стилизирањето и фарбањето на косата, а почитувач на неговата работа и искуство е пејачката Мадона.

Тејлор Тејлор- е фризерски салон од кој многумина се воодушевуваат. Богатиот декор и свежите коктели што им се нудат на клиентите, дополнително ја прават посетата релаксирачка. Тука цената на потстрижување чини 52 фунти.

Фостер- овој салон се наоѓа во источен Лондон и е во сопственост на братот и сестрата Надја и Дру Фостер, додека ентериерот е уреден во винтиџ стил. Според нивната клиентела, освен што умеат да ја направат најдобрата фризура, тие се секогаш се  пријателски расположени.

Харис- овој уникатен простор половина е фризерски салон, а другата половина е изложбена галерија. Иако, е отворен неодамна, поради беспрекорната услуга како и понудата на неколку козметички услуги, го прави овој салон да биде во листата на Топ 10 во Лондон.

Блеч- е фризерски салон специјализиран за фарбање со специфични и драматични бои и е во споственост на Алекс и Сем. Оние што го преферираат необичниот изглед на боја за коса, безрезервно им веруваат на овие двајца експерти.

Нели Корнелиус- е стилистот за коса што претходно има работено заедно со искусните, Мајкл Џон и Џо Хансфорд, за подоцна да отвори сопствен салон и да ја добие довербата на ѕвезди како Кира Најтли и Кејт Мос. Внатрешноста на салонот е опуштена и релаксирачка што допринесува  повторно да се вратите кај Корнелиус.

Џо Хансфорд- таа е уникатен експерт со долгогодишно искуство. Слободно може да се каже дека многу од трендовите за фризури излегуваат токму од салонот на Џо. И во овој фризерски салон доаѓаат многу славни личности, а доколку сакате да закажете третман, тоа треба да биде околу три недели порано.

Објавено:
22 јануари 2014
Категорија: 
Убавина