Трикови со шноли кои сигурно не сте ги знаеле

24 ноември 2016

Шнолите за коса се едни од оние работи кои секогаш ги имаме дома и секогаш од некаде се појавуваат, но токму кога ни требаат, не можеме да ги пронајдеме.

Многумина ќе кажат дека тие се најпотценуваниот алат во козметиката, а се користат и за бројни други работи на кои можеби и не сте помислиле никогаш.

Во продолжение погледнете за што сѐ можете да ги користите металните тенки шноли кои знаеме дека ги поседувате.

За долготрајни локни

Ако вашите локни се отпуштат уште пред да го напуштите домот, постои одличен трик со овие метални шноли. Кога првично ќе го навиткате праменот со фигаро не го пуштајте веднаш да падне, туку прикачете го со шнола и оставете го така да се „излади“. Откако ќе се подготвите целосно, извадете ги шнолите и пуштете ги прамените кои сега подолго ќе траат.

За цврсто репче

Ако имате тешка и густа коса сигурно ви се потребни повеќе ластичиња за добро да го прицврстите репчето. Откако добро ќе го врзете, земете две метални шноли и зацврстете ги една во друга во форма на X, а репчето сместето го точно помеѓу двете шноли за да остане високо и цврсто.

Лежерна плетенка

Секогаш кога ќе ја сплетете совршената плетенка внимавајте на ластичето што ќе го употребите за да не го уништи впечатокот. Доколку не сакате воопшто да ја уништите со ластиче, тогаш металните шноли ќе ви завршат голема работа. Земете две цврсти шноли и добро прикачете ги на крајот со тоа што малку и ќе ги вметнете внатре во плетенката за да не се гледаат.

За максимално искористување на козметиката

Ако пастата за заби или пак пудрите ви се сосема при крај, а изумивте дека треба да си купите нови, ставете ја металната шнола сосема на крајот и влечете нагоре кон капачето. Така максимално ќе искористите се во пакувањето.

За контурирање

Немате четкичка за контурирање? Можете да ја направите сами! Земете една широка четка за руменило и стиснете ги добро влакненцата со метални шноли така што ќе се формира тенка четка. Со истата совршено ќе го контурирате лицето, а подоцна повторно ќе можете да ја користите за руменило.

Украси за коса 

Иако најчесто металните шноли ви служат за поправање на фризурите и речиси секогаш сакате истите да не се гледаат, оваа сезона без проблем покажете ги! Набавете си шноли во различни облици и бои и бидете храбри поставувајќи ги покрај патецот во интересни низи. 

Она што дефинитивно треба да го знаете е дека овие метални шноли во многу наврати ќе ви помогнат во домот, па добро е секогаш при рака да имате барем неколку. 

Објавено:
24 ноември 2016
Категорија: 
Убавина
Прочитано:
3.326 пати