Зад нас се неколку модни недели во најубавите градови на светот како Милано, Лондон и Париз, а уште толку и не очекуваат. Пред да се префрлиме на новите предизвици, сега е вистинското време да ги сумираме најубавите детали од изминатите модни недели што ни оставија најголем впечаток. Одбравме три неодоливи модни брендови, омилени кај девојките и го издвоивме она што ни остави најголем впечаток.
Кензо
Покрај одличната колекција, Кензо овојпат не почести и со неверојатно добра и инвентивна шминка. Кај сите модели можевме да видиме тотално шик шминка, нагласена со сина линија на очите направена со одличен водоотпорен ајлајнер на MAC. Истата беше сосема доволно за моделите да изгледаат заводливо и секси, а дополнително, имаа и само малку пудра на лицето и нежен, скоро незабележителен кармин и секако – интересен син лак на ноктите.
Клое
Неверојатните пастелни бои што можевме да ги видиме кај моделите на последната ревија на Клое, беа апсолутно совршени и сѐ што и е потребно на една жена. Шминката беше во магична виолетова боја и единствено беше изразена преку суптилната сенка кај девојките. Како и кај Кензо, така и тука кај моделите дополнително беше нанесена само малку пудра, незабележително руменило и нежен кармин.
Селин
Тенденцијата на апсолутно природната шминка продолжи и кај Селин со тоа што кај моделите скоро и да не беше забележителна. Нивните лица беа апсолутно блескави и сјајни со минимална сенка и руменило со кои тие изгледаа навистина прекрасно. Она што беше единствено забележително беа одличните обетки со тренди детали.