Мајчинството е голем животен предизвик. Особено кога жената е во својата прва бременост и кога прв пат се остварува како мајка, се соочува со толку многу заблуди, грижи и несигурност. За секој чекор што го преземате како „тазе" мајка секогаш над глава ви виси прашањето – дали ова го правам правилно? И не сте единствени. Најголемиот дел од жените особено во својата прва бременост, со соочуваат со слични ситуации. Затоа, многу е важно во таквите моменти да добиеме потврда, поткрепа, па дури понекогаш доволна е и утеха. Но, што е уште позначајно, младите мајки кога чувствуваат несигурност или сакаат да се едуцираат, клучно е да се обратат на вистинското место – стручно лице, кое нема дополнително да им создаде конфузија туку на едноставен и разбирлив начин ќе има ја претстави големата слика или решението на проблемот или ќе им го даде одговорот на прашањето. Токму со таа намена е отворен инстаграм профилот @nikolina_se_za_majki, зад кој стои акушерката Николина со долгогодишно искуство, а која повеќе од 8 години работи како акушерка во родилна сала во болница во Германија. На нејзиниот профил, младите родители преку еден едноставен и разбирлив концепт може да се информираат и да добијат одговор на многу прашања околу целиот процес на бременоста, но и одгледувањето на бебето во првата година.
Николина, како дојдовте до идејата да започнете активно да ги едуцирате трудниците и младите мајки преку вашиот Инстаграм профил, односно да се ставите во една благородна улога на онлајн акушерка?
-Идејата да започнам еден едукативен, хуман инстаграм профил за мајките во Македонија, доаѓа од моментот кога јас останувам бремена со моето второ дете. Поради пандемијата, бев повлечена од моето работно место и едноставно ми недостигаше дружењето и мојата работа, како акушерка во родилна сала (во Германија). Добивав многу пораки од мои блиски од Македонија, да им помогнам со совети околу доење, бременост или мајчинство. Јас побарав начин и ги разгледав можностите, како може преку Инстаграм мајките да се едуцираат со помош на стручни лица и наидов на тоа дека нема ниту еден онлјан профил како акушерка кој би им понудил барем мала стручна помош на мајките. Така се решив пред 10 месеци, за време на мојата втора бременост, да го отворам овој Инстаграм профил @Nikolina se za majki, каде што ги едуцирам мајките за теми поврзани со доење, бременост, мајчинство и бебе до една година.
Преку еден интересен и разбирлив концепт, пренесувате навистина корисни информации што им помагаат на мајките полесно да се снаоѓаат низ процесот на мајчинството, особено во првата година. Која е главната цел што сакате да ја постигнете?
-Мојата цел е да покренам свест кај мајките, да ги едуцирам барем за најважните работи кои ги очекуваат за време на бременоста и после породувањето. Барем во првите денови кога ќе станат мајки, како можат сами на себе да си помогнат, на што да обрнат внимание. Едноставно да имаат една општа едукација. Јас не велам дека нивните блиски не можат да им помогнат, но некогаш тоа ги доведува мајките до голема несигурност и до погрешни чекори. Секако дека помошта од семејството е вистинска благодет, но до некој степен. Еве и јас добивам коментари, на пример од мојата мајка, "Николина знам дека ти си стручна, зошто не го правиш ова вака"... Сакам да ги едуцирам мајките до тој степен да кажат: Извини, знам како треба да се поставам за моето дете. Ти благодарам за грижата за нас, но јас мислам дека треба да постапам вака. Така да, сакам да ја покренам свеста и да им помогнам на мајките да знаат што се случува со нивното тело во бременоста, за време на породувањето, како се одвива целиот процес, затоа што има многу мала едукација на таа тема. Но, гледам дека и самите мајки почнуваат да покажуваат интерес да се едуцираат и да научат нешто ново и тоа многу ме радува.
Кои се најчесто поставуваните прашања на Вашиот Инстаграм профил и во контекст на ова, кои се вашите одговори?
-Секојдневно добивам различни прашања. Но, можам да издвојам од типот: имам страв од пораѓај, колики (грчеви) кај бебиња во првите месеци, проблеми со доење во првите денови... Одговорите ги добиваат дали преку веќе објавените мои постови или видеа, кои несебично ги споделувам или многу често знам да им се обратам преку кратка говорна порака, а многу често се појавувам и на Стори и зборувам на одредена тема.
Набројте ни топ 5 заблуди со кои мајките се соочуваат во првата година од животот на детето?
-Не само во првата година, туку во цел живот, додека сме покрај нашите деца, ја имаме улогата да бидеме мајки и грижата за нашите деца без разлика дали се мали или големи, е иста. Кога прв пат ја имате улогата на мајка, се јавуваат и првите грижи, дали ќе се снајдете, дали тоа што го правите е како што треба... Секоја мајка го има тоа чувство на грижа, едноставно започнувајќи со најмалите проблеми. Како растат, проблемите со нашите деца се менуват и тоа е сосема нормално. Во првата година од животот на децата започнуваат и проблемите со коликите, во првите месеци. Тоа создава голем страв кај родителите, а тоа е сосема една нормална физиолошка појава. Потоа доаѓаат на ред запчињата, па скоковите во развој, самиот развој, сонот на детето, моториката, лазењето, одењето, секако и хранењето и преминување од млечна во немлечна храна. Сето тоа е голем предизвик за една мајка која што носи една голема одговорност, голема несигурност и мислам дека барем со моите мали совети кои им ги давам на мајките, им помагам да можат да научат како да си олеснат сами на себе. Да научат дека некои процеси во животот се сосема нормални и природни, да научат да се слушат самите себе и својата интуиција и така да го гледат своето дете, а не да ги следат децата на нивните роднини и пријатели. Да научат да препознаваат што е нормално, а што не, кај нивното дете. И тоа многу ме радува, да го пренесувам на мајките искуството и уште повеќе ме радува кога добивам „фидбек" кога на некоја мајка ѝ помогнале моите совети и дека може подобро да се снајде во некоја ситуација после прочитан пост или проследено видео на мојот Инстаграм профил.
View this post on Instagram
Кој е најважниот совет што би сакале да им го упатите на трудниците и мајките со мали деца во време на светска пандемија, но генерално и во време во кое стресот и негативните информации се сеприсутни?
-Пандемијата е време во кое кај сите нас, создава дополнителна грижа. Но, може да советувам дека најчесто кај децата, па и кај мајките, ковидот поминува без поголеми проблеми и симптоми. Стресот и грижата, да нѐ истоштува сите. Но, гледајте да уживате во секоја фаза со вашето дете и да го уживате секој момент. Затоа што, само што ќе „трепнеме" детето веќе ќе биде една година, па две итн. Користете го секој момент да ви биде уживање.
Што сакавте да знаете, а никој не ви кажа, пред Вие да станете мајка?
-Ние како мајки, секако дека не можеме се да знаеме. И има ситуации дали во бременоста или во одгледувањето на детето, каде ќе се соочиме со многу моменти кога ќе бидеме несигурни, нема да имаме одговор на одредено прашање... Јас секогаш велам да се обратиме на вистинското место. И јас како мајка, сум имала потреба од поткрепа и потврда од некој кој што веќе го знае или го поминал тоа или е стручно лице. Јас најчесто велам и советувам, да се информираат и да црпат информации од стручни лица и од стручни и едукативни профили. Знам дека има многу страници или катчиња, каде се собрани повеќе мајки и делат лично искуство. Од една страна тоа е сосема во ред, но мислам дека некогаш може да донесе и до поголем страв кај мајката затоа што, кај една мајка едно искуство помогнало, но кај друга не. Секогаш советувам да се информираат кај стручни лица, да се обратат кај нивниот педијатар, акушерка, затоа што таму може да го добијат правилниот одговор.
Секогаш барајте правилен одговор од правилен советник. Да, може да помногне и одговор од тетки и стрини, мајки и дедовци, но не секогаш. Затоа, кога нешто ви е необично и чудно со вашето дете, секоја ситуација која не е вообичаена за вас, значи да побарате одговор кај стручно лице.
View this post on Instagram
Од Вашето досегашно искуство, како да се однесуваат младите мајки, без искуство, кога ќе се наидат во ситуација кога сите во нивното опкружување знаат сѐ подобро од нив за нивното дете и им се наметнуваат принципи на одгледување кои лично за нив се неприфатливи? Воедно, првите денови дома со новороденчето, се едни од најубавите, но истовремено за младите мајки и особено стресни со оглед на тоа дека се соочуваат со едно сосема ново и најзначајно животно искуство. Што е најбитно да знаат младите мајки кога ќе се вратат со новороденчето дома од породилиштето?
-Првите денови после породувањето и доаѓањето дома од болница, е сосема нова ситуација. Додека сте во родилиште, имате помош од стручни лица, имате одговор на секое прашање. Кога ќе си дојдете дома, мама е сама и несигурна. Но, како што кажав времето во бременоста користете го за да се информирате за општи информации и секогаш советувам: земете време за вашето семејство. Време во кое вие ќе се запознаете со вашето бебе. Време во кое прво мама и тато ќе се запознаат со нивното бебе. Ние имаме една таква традиција кога мајката ќе си дојде од болница, ајде сите на гости. Јас тоа не го препорачувам. Затоа што првите недели се време за родителите и бебето. Време кога мајката треба да се запознае со нејзиното бебе, да стекнат некој ред. Да види на што и како реагира нејзиното бебе. Тие моменти не се опишуваат. Тоа се најубавите моменти. Затоа земете време за вашето бебе, да се запознаете и оставете ги гостите. Гледајте блиската фамилија да ви биде помош од друга страна, со тоа што ќе ви помогнат околу домаќинството, ќе ви донесат колач, ќе ви зготват нешто или ќе ви помогнат околу чистењето, ќе ви испазарат. Семејството во тие први недели ви е потребни за тоа, а за бебето сте потребни вие како родители.
View this post on Instagram
Вие работите како акушерка во Германија, истовремено сте и мајка, а паралелно и посветено го водите и вашиот Јутјуб канал и профилот на Инстаграм. Како изгледа едно секојдневие во животот на Николина?
-Јас работам како акушерка во родилна сала во Германија од 2013 година. Моментално сум на породилно, имам две деца Лука (5 години) и Лара (10 месеци). Инстаграм профилот со 9.000 мајки и жени кои ме следат, секојдневно активно го работам, секојдневно одвојувам време да им помогнам, да објавам нешто ново со едукативна содржина. Бурно е моето секојдневие, затоа што имам доста обврски и кон децата и кон себе и во однос на профилот, но сето тоа ме прави среќна. Сакам да помогнам на мајките, да ги едуцирам, да ги направам посигурни и ова го правам чисто од хумани побуди и среќна сум кога некоја мајка ќе сподели дека сум ѝ помогнала. Морам да признаам дека има денови кога и јас се чувствивам уморно, кога ме потиснале моите обврски, но дури и кога сум била најзафатена, секогаш издвојувам време за најважните прашања на мојот профил.