Постпородилна депресија: Црвен аларм кој не смее да се игнорира

18 јули 2023

Речиси 20% од родилките во Македонија се соочуваат со постпородилна депресија. Чувство на беспомошност, песимизам, незаинтересираност, без воља кон емоционалните задоволства се симптоми кои укажуваат на оваа загрижувачка состојба кај мајките која бара сериозен професионален пристап од стручни лица, но и многу љубов, поддршка и разбирање од најблиските. Од клучно значење е навременото детектирање на состојбата, а тука најмногу може да помогнат здравствените работници кои се грижат за бременоста или породувањето на мајката.

За постпородилната депресија и црвениот аларм кој не смее да се игнорира, разговаравме со психолог Христина Стефановска.

Психолог Христина Стефановска

Што е постпородилна депресија?

-Постпородилната депресија представува вид на депресивно пореметување кое ги има истите симптоми како класична депресија што во овој случај би се дефинирало како депресивно расположение на мајката после породувањето при што самиот чин на породување е главен тригер за јавување на симптомите.

Како да ја препознаеме оваа состојба?

-Состојбата најчесто се појавува во текот на првите 3 месеци после породувањето каде симптомите започнуваат со незаинтересираност за себе и бебето, а најчести и типични симптоми се нарушување на сонот, анхедонија или губење и на интерес и воља кон емоционалните задоволства, неспособност за концентрација, чувства на неадекватност, прекумерна грижа и страв за детето, чувство на вина, беспомошност, безнадежност и песимизам.

Колку е честа кај родилките кај нас?

-Последните статистики и извештаи од страна на Министерството за Здравство велат дека после раѓањето на детето приближно 10-20% од мајките ги исполнуваат дијагностичките критериуми за постпартална депресија.

Како може да ѝ се помогне на родилката која се соочува со постпородилна депресија? Каква поддршка ѝ е потребна за време на тој период?

-Најнапред најважно е навремено детектирање на ваквата состојба особено од страна на здравствените работници кои се грижат за бременоста или породувањето на мајката. Истите треба да и обезбедат сигурност, безбедност, охрабрување и позитивен говор и поддршка. Потоа да го советуваат семејството во насока како и тоа системски да интервенира. На мајката ѝ е од особена важност да почувствува разбирање, топлина, разговор од членовите на семејството, а особено од партнерот. Поддршката треба да е насочена и кон обезбедување на третман со психотерапија и фармакотерапија доколку тоа е потрено. Навистина би сакала да се случи тоа да родилиштата и гинеколошките амбуланти имаат психолог и психотерапевт кој ќе биде задолжен само за менталното здравје на мајката со која ќе спроведува индивидуални сесии како и групна психотерапија. Потоа како што постои патронажна сестра која доаѓа во домот на бебето да го следи и да дава совети за негова грижа и третман така да постои и патронажен психолог кој ќе прави посети за мајката. Институционалната и системската психолошка поддршка во државата е повеќе од потребна во навремено откривање и соодветно третирање на оваа состојба.

Кој е најголем ризик фактор за појава на постпородилна депресија?

-Факторите на предиспозиција вклучуваат историја на тешка депресија, стрес, негативни искуства за време на перинаталниот период или трауматско искуство за време на пораѓајот, недоволна социјална поддршка, искривена перцепција дека раѓањето на бебето ќе го промени животот на жената, искривени и нереални убедувања, отсуство на поддршката од партнерот или лош меѓусебен однос, несакана бременост итн.

Како да се покрене свеста за постпородилната депресија?

-Најнапред свеста треба да ја подигнат самите здравствени работници вработени во гинеколошките амбуланти, родилиштата како и матичните ординации затоа што тие се запознаени со оваа проблематика и се најблизу до пациентите. Убаво би било да се повеќе мајки јавно говорат за сопствените искуства со оваа состојба кои ги решиле и надминале бидејќи така постануваат охрабрувачки глас и светла точка во очите на мајката која во моментот се соочува со постпородилната депресија.

Објавено:
18 јули 2023
Категорија: 
Здравје
Прочитано:
766 пати