„ХОУП" е надеж и помош за сите кои се соочуваат со афазијата, но и Здружение кое активно работи на препознавање и превенција на здравствени состојби кои може да доведат до афазија.
Целта и примарниот фокус на „ХОУП" е преку интегриран пристап да им го отвори патот на лицата со афазија и нивните најблиски, тие полесно да стигнат до целта како победници, а истовремено и да се подигне свеста за оваа состојба.
Викендов здружението и официјално беше промовирано пред јавноста.
„За справување со оваа состојба е потребна надеж, помош, поддршка, систем и средства. Целта на здружението „ХОУП" е да ги интегрира сите овие сегменти, да им го отвори патот на лицата со афазија и нивните најблиски, за тие да стигнат на целта како победници, вклучително и да се подигне јавната свест за состојбата", потенцираше адвокатот Ѓорги Павлов, еден од основачите на здружението.
Познатата адвокатка и жена-менаџер Мирјана Марковска, која е главниот иницијатор за основање на здружението и веќе три години и самата се соочува со афазија, е позитивен пример и инспирација за сите кои се соочуваат со оваа состојба и нивните семејства.
„Краток период на почетокот, најголем предизвик ми беше да се консолидирам. Потоа, секој нов ден беше предизвик или нова можност, како единствено и гледам на животот отсекогаш. Упорно вежбам и работам, истражувам за афазијата, а примарно сум фокусирана во "M&A" и ширење на деловните можности и активности бидејќи ангажираноста и љубовта кон работата е мотив и лек. Треба само волја и упорност", охрабрува Марковска за која „не можам" не е опција.
Професор доктор Иван Барбов, невролог од Клиниката за неврологија, потенцираше дека се работи за комплексна состојба и дека клучна е правилната дијагноза и навремениот третман.
„Афазијата не е посебна болест, туку симптом на повеќе заболувања", потенцираше д-р Барбов.
Магистер доктор Станислава Антевска, логопед со долгогодишно искуство, информираше дека најмалиот пациент е на седум годишна возраст. Таа посочи и позитивен пример на момче кое после третманите, успешно завршило средно образование.
„Многу е важна соработката со семејството", подвлече д-р Антевска.
Афазија е пореметување на говорот, кое може да биде различно. Тешко изговарање на зборови или неразбирање на туѓ говор, или пак глобална афазија кога се засегнати сите сегменти на зборувањето.
Афазијата се дијагностицира од страна на стручни медицински лица од референтната област, врз основа на говорната способност и други аспекти.
Бидејќи не е болест, туку состојба или последица на други причини (мозочни нарушувања, најчесто мозочен удар но, исто така и на други заболувања кои ги засегаат мозочните функции), нејзината превенција е можна преку грижата и можноста од превенција на причините кои довеле до афазија. Откако ќе настапи афазијата како состојба, од суштинско значење е веднаш да се отпочне со соодветен третман и рехабилитација како состојбата би се подобрила или целосно рехабилитирала.