Акција на „Проновиас“: Бесплатни венчаници за здравствените работнички-невести

2 април 2020

Илјадници пролетни венчавки се откажани поради состојбата со Ковид-19. Иако здравјето е пред сè, сепак, новата ситуација на која уште се прилагодуваме, предизвика за некого дополнителни проблеми и грижи.

Имајќи го ова на ум, шпанскиот бренд „Проновиас Груп“ започна акција, сакајќи да придонесе за оние што сега директно се борат со вирусот, пред сè здравствените работнички, кои се невести, односно нивната свадбена церемонија ќе се одржи во 2020 година. Венчаниците се наменети за сите вработени жени во болниците, од докторки, преку медицински сестри, до вработените во кафетериите и оние што се грижат за хигиената.

Акцијата ја започнаа во Кина, кога и кај нив ситуацијата беше мошне неизвесна и голем дел од сестри и докторки веќе ги добија своите прекрасни венчаници. Сега пак, брендот одлучи да ги прошири границите на оваа иницијатива и во други држави кои се тешко погодени од вирусот, односно неговите последици.

Уметничката директорка на „Проновиас Груп“, Алесандра Ринаудо, ги опушува овие работнички како „војници кои максимално се вложуваат во борбата да ги излечат болните“.

Александра Ринаудо

„Чест ми е да ја покажам мојата поддршка и да ја подигнам свеста за сите овие жени кои го даваат најдоброто од себе во време на оваа пандемија. Љубовта ќе победи сè“, вели Ринаудо.

Брендот на располагање ги става фустаните од специјално создадената колекција наречена „Херои“, со цел да ја слави несебичната посветеност на овие жени во борбата против глобалната пандемија. Во колекцијата спаѓаат модели одбрани од брендовите од „Проновиас Груп“.

Од „Проновиас“ потенцираат дека се благодарни на сите жени во болниците ширум светот кои својот живот го ставаат на ризик, за да спасат туѓ. 

„Донирањето на наши венчаници на овие прекрасни жени е најмлаку што можеме да направиме за да донесеме радост и среќа на нивниот свадбен ден, така што ќе се погрижиме да изгледаат и да се чувствуваат најдобро“.

Сите здравствени работнички кои треба да бидат невести, се квалификувани да добијат венчаница од сега па до 31 август годинава. Жените што сакаат да станат дел од оваа акција ќе треба да закажат состанок во некој од бутиците на брендот и со себе да имаат потврда дека учествувале во борбата против вирусот, како и дека нивниот датум за свадба е закажан за 2020 година.

Од брендот потенцираат дека колекцијата „Херои“ ќе биде достапна и во продажба и тоа само во бутиците на „Проновиас“ во Барселона, Севиља, Рим, Милано, Париз, Лион, Марсел, Лисабон, Лондон, Њујорк, Лос Анџелес, Мајами, односно ќе ги вклучи здравствените работнички од државите каде што има свои продавници - Шпанија, Италија, Португалија, Англија, САД, Мексико.

 

Објавено:
2 април 2020
Категорија: 
Бела соба
Прочитано:
680 пати