Едно од основните правила на моминската вечер е да биде што полуда. Во продолжение следат неколку идеи за тоа како можете да ја организирате моминската вечер на вашата блиска другарка, сестра, роднина...
* Забава пред свадба - НЕ!
Не мора да биде само вечер... Ако сте девојки со многу енергија, забавата може да почне уште во текот на денот. Но, што и да правите има едно и единствено правило, а тоа е : Моминската вечер никогаш не ја правете истиот викенд кога е и венчавката! Невеста со мамурлук и подочници не е сонот на секоја девојка за тоа како ќе изгледа на својата свадба.
*Имајте план
Дали планот ќе го прави невестата, кумата, старосватицата или сите девојки заедно, треба да ги исполнува желбите на невестата. Секако, со елементи на изненадување. Ако пак, невестата не знае што да очекува, па тогаш потпрете се на вашето добро познанство и организирајте нешто во што навистина ќе ужива и ќе го памети. Една од опциите е домашна женска забава, потоа караоке забава, стриптизер, викенд во некој друг град, или пак еден ден на плажа-базен доколку е лето се исто така добри избори.... Предвид доаѓаат и спа центри, ручек-вечера на видиковец...
*Тематска вечер
Ако не е тематска, тогаш моминската вечер би била како и секое друго излегување во град. Темата всушност ја создава возбудата. Може да биде што било - диско, ретро, маици со фенси натписи, балони, бои на виножито, мода.... Само треба да ја одберете вистинската што најмногу ќе и соодветствува на идната невеста. Кога ќе влезете во „штос“, нема да сакате вечерта да заврши.
*Внимавајте на деталите
Во склад со темата се бираат и деталите, подарочиња, беџови и се она што ќе ја направи забавата живописна. Ќе бидете забележани каде и да се најдете, а особено невестата која доколку сака може да носи вел, венче, лента и сл. што ќе ги добие за спомен. Исто така, обрнете внимание на храната. Интересни мали сендвичи, поп и кап кејкови, интересни колачиња, откачена торта, изборот е ваш. Ако правите забава дома. заедничкото готвење исто така може да биде многу забавно и смешно.
*Ништо без фотографии
Доколку имате можност, најдобро е да најмите фотограф. Не само што фотографиите ќе бидат одлични, сите ќе ве има. Но, доколку не сте во можност тоа да го организирате, ништо страшно. Најважно е да го овековечите тој момент . И не мислиме на селфи фотографирање, туку на забавни, откачени фотографии што секогаш ќе ви измамат насмевка на лицето.