Наскоро: Готвач со сите рецепти од серијата „Пријатели“

3 јуни 2020

...Нема сомнение дека оваа вест ќе ги израдува сите обожаватели на култната серија. Оние што повеќе пати ги „свртеле“ сите десет сезони, со сигурност се сеќаваат на чоколадните колачиња по рецепт од бабата на Фиби, како и незаборавниот чизкејк кој го обожуваат Чендлер и Рејчел.

Сега сите рецепти на кои како гледачи можевме да посведочиме, се собрани во “Friends: The Official Cookbooк“ (Пријатели: Официјалниот готвач). Авторка е Аманда Јее која успеа да опфати повеќе од 90 рецепти, меѓу кои и добро познатите кулинарски катастрофи, како млекото на Чендлер кое можете да го џвакате или ужасниот овошен десерт на Рејчел.

„Готвач“ книгата ќе биде достапна од 22. септември, датум кога ќе се одбележат 26 години од почетокот на една од најпопуларните серии некогаш.

Но, без разлика што септември е далеку, уште денес можете да си резервирате еден преку „Амазон“, по цена од 30 долари (редовна), а во моментов со намаление од 10%, односно за 27 долари.

За потсетување, познатата шесторка најави дека снима специјална епизода, која поради пандемијата на Ковид-19 беше малку одложена, но сите со нетрпение ја очекуваат. Имајќи ја предвид информацијата за готвачот, најголемите обожаватели можат премиерата на епизодата да ја дочекаат и со некој вкусен рецепт од серијата.

 

фото: Amazon.com; Pinterest.com;

Објавено:
3 јуни 2020
Категорија: 
Култура
Прочитано:
131 пати