Шпанскиот дизајнер Хесус Пеиро кој седум години твори под истоимената етикета, ја презентираше новата колекција венчаници за пролет 2015 година која претставува вистински спој на елеганција и женственост.
Колекцијата е навистина голема и нуди неверојатно голема плејада на модели кои според дизајнерот одговараат на потребите на секоја невеста како во поглед на традицијата, така и во однос на оригиналноста и неконвенционалноста.
„Јас сум петто дете во семејството и решив да се посветам на графичката уметност. Уште како мал постојано го слушав татко ми како зборува за Леонардо Да Винчи кој морам да признам дека имаше големо влијание во формирањето на мојот подоцнежен ангажман како дизајнер“, раскажува Пеиро.
По завршувањето на студиите во Милано, Хесус Пеиро ја почнува својата кариера која му донесе огромна слава. Венчаниците што тој ги дизајнира се исклучителни и уникатни како во однос на кројот, така и во поглед на комбинирање материјали и текстури.
„При дизајнирањето на венчаници секогаш се инспирирам од современата жена. Секоја креација за мене е посебна и има свој идентитет. Се стремам кон обнова на класичните изгледи и се обидувам да им вметнам дел од мојот личен печат“, откри дизајнерот.
Во поглед на новата колекција за наредната пролет, Пеиро се фокусирал на моделите во полн глок и дизајнирал главно креации чиј долен дел е во А – крој, но има модели кои се дизајнирани во права и едноставна линија. Софистицираната тантела, сјајниот сатен, тафтот и шифонот се материјалите кои доминираат во изработката на новите модели. Што се однесува до боите се тргнува главно од чистата бела нијанса и потоа се правени интересни варијации кои гравитираат низ сините и бежовите тонови.
Венчаниците изработени од Хесус Пеиро нудат квалитет, софистицирана линија, хармонија и инвентивно мешање на бои и текстури, прецизна изработка на детали, ексклузивен изглед и гламурозност. Во продолжение погледнете го едиторијалот за пролетната кампања и лукбукот и пробајте да го задржите здивот бидејќи овие модели дефинитивно ќе го освојат вашето срце.