Продуцент, режисер, аниматор, научен истражувач

Го вративме македонскиот анимиран филм на светските филмски фестивали

Интервју со
Жарко Иванов
27 јануари 2023

Во потрагата по урбани ликови, кои што очајно му требаат на времето во кое што живееме, среќни сме кога имаме можност да наидеме на некој таков. Убаво е кога знаеш точно кој си, што сакаш, а уште подобро е кога своите таленти можеш да ги изразиш на најдобар можен начин, да ги преточиш во приказна што ја топли душата и ги разбудува сетилата. Тоа ни го кажа и покажа Жарко Иванов, продуцент, режисер, аниматор, научен истражувач на книжевноста, фолклорот и филмот. Творец на многу анимирани приказни закитени со признанија за својата оригиналност.

Уживајте во разговорот, како што уживавме и ние.

Да се идентификуваме себе си можеби е една од најголемите работи што секој поединец треба да ги направи во својот живот. Кој сме, што сакаме и зошто го правиме тоа што го правиме се трите клучни прашања за кои треба да смислиме одговор. Дали Жарко ги има одговорите?

Кој сум, што сакам и зошто се веројатно трите наједноставни, но и трите најтешки прашања коишто се исправаат пред секој од нас. Едноставни се затоа што во секој миг ги имаме одговорите, тешки се затоа што тие одговори се подложни на промена како што се менуваме и ние самите. Ништо, никогаш не останува исто: табиети, мислења, желби, љубови, задоволства, таги... Ништо од сето ова што се однесува на човекот не останува исто. Или се обновува, или се губи, се заменува. Исто е и со знаењата и со сознанието во тоа кои сме, што сакаме и зошто го правиме тоа што го правиме. 

Низ лавиринтот на животот кај Жарко се проткајале повеќе нешта, филм, фотографија, анимација, книжевност, јазици... Каква е поврзаноста со секоја од нив и дали можеби нешто испуштивме?

Сите овие области и уметности се дел од вербалната и визуелната комуникација. Едната користи зборови за изразување идеи и мисли, втората слики. Филмот, во процесот на своето создавање, од сценарио до финален производ, ги обединува двете. Анимираниот филм пак, преку неограничените можности на изразните средства и техники на анимација, има моќен субверзивен потенцијал и како ниедна друга форма на уметност ги обединува музиката, танцот, скулптурата, сликарството, но и на играниот и документарниот филм воопшто. Самиот процес дадена идеја да се разигра во приказна преку придвижување графички статични цртежи, модели или објекти во логична целина за мене е врвен чин на ентузијазам и творечко искуство.

Многу фестивали, патувања, награди, авторски и ко-авторски дела... и секако Флипбук Филм Фестивал. Која е приказната зад инспирацијата и кои се соборците во големите подвизи?

Со продуцентската куќа „Флип Бук" направивме повеќе од дваесет кратки анимирани, документарни и играни филмови кои се прикажани на стотици филмски фестивали, а освоија и над петанесет награди. Секој филм, секако, доколку е препознаен како квалитетен од селекторите на фестивалите, има фестивалски живот кој трае две години, почнувајќи од премиерата на филмот. Најважно од сѐ беше да го вратиме македонскиот анимиран филм на светските филмски фестивали. Ние сме веќе во светските текови кога зборуваме за анимиран филм и на фестивалите се зборува за квалитетен современ македонски анимиран филм, нешто што долги години не постоеше.

Насобраното искуство од фестивалите не охрабри да го основаме Флипбук Филм Фестивал и на македонската публика да ѝ го прикажеме најдоброто од светската анимирана авторска филмска продукција. Оваа година, меѓу останатите активности, и како филмски автори и како организатори на Флипбук Филм Фестивал, се приклучуваме на прославата на големиот јубилеј – стогодишнината од раѓањето на еден од најголемите македонски поети, Ацо Шопов, и по тој повод заедно со режисерите Владимир Лукаш, Иван Ивановски и Крсте Господиновски работиме омнибус кратки анимирани филмови под насловот „Небиднина" инспириран од четири песни од различни периоди од живот и творештво на Ацо Шопов, еден од основоположниците на современата македонска книжевност. Во рамките на овој проект замислена е и графичка книга која стриповски ќе ги визуелизира песните на Шопов, а е дел од дејноста на „Флип Бук Букс", нашата издавачка куќа која ги спојува книжевниот и визуелниот јазик во печатени изданија.

Кога треба да дадете дефиниција за урбаниот лик и дело на Скопје, како би звучело тоа?

Како и секоја дефиниција и оваа дефиниција не може да звучи романтично. Урбаниот лик и дело на Скопје има свои предизвици и проблеми. Тие се и економски, и социјални, и културни. Ако од една страна ја имаме преизграденоста и пренаселеноста како резултат на отсуство на политики за децентрализација, а на друга страна го ставиме сѐ поголемото загадување и негрижа за животната средина во глобалната клима на решавање еколошки проблеми, јасно е дека Скопје станува многулика ѕверка која самите ја потхрануваме. За решавање на проблемите потребно е повеќе и похрабро да се настојува во пракса, одошто за нив сенешто да се теоретизира и романтизира. Останува фактот дека на индивидуално ниво скопјаните имаат многу ниска свест за урбаниот простор и колективното живеење. Најмногу заради ова, jас пред повеќе од десет години создадов своја микро средина на еден рид во близината на Скопје и спокојот си го наоѓам во куќа со градина и овоштарник.

Колку е важно да се има свој стил, во секоја смисла на зборот? Колку треба да сме доследни на тоа што сме или времето ги менува работите?

Во најопшта смисла стилот го сфаќам како начин на изразување, сетилно интелегибилна игра која можеби најдобро се опишува според максимата дека разновидноста е забавна. Се обидуваме да ги фатиме карактеристиките на времето во кое живееме и промените што ги носи цивилизацискиот развој. Технолошките скокови носат брзи промени, и етички, и естетички. Во таа смисла се прилагодувам на промените што самите ги поттикнуваме. Низ времето ги менуваме работите, односно светогледот, културата, комуниколошките кодови, а со нив и стилот. Кој може со сигурност да каже дека тоа што му се допаднало вчера, ќе му се допаѓа и утре.

Кој беше клучниот момент за Жарко да ја добие дефинцијата за себе си во професионална смисла? Или беа тоа повеќе моменти?

За време на јазичните и книжевни студии на Филолошкиот факултет работев како преведувач и тоа траеше повеќе од десет години. Во меѓувреме, го продлабочував интересот за фотографија и филм, и решив да се запишам на филмски студии во Софија. Ја имав можноста анимација да учам кај професорот Стојан Дуков, еден од основачите на бугарската школа за анимација, кој работеше и на мојот прв анимиран филм. Понатаму со основањето на продуцентската куќа „Флип Бук" пред тринаесет години следуваа и бројните фестивали и награди што ги освоивме низ светот.

Потоа продолжив да ги продлабочувам знаењата на магистерски студии од областа на филмот, книжевноста и анимацијата, а потоа и докторските студии, а од предминатата година сум дел од колективот на Институтот за македонска литература. Со последново ми се чини дека во животот сите мои интереси како да си го најдоа своето место: интересот кон цртањето како дете повторно се возобнови во полето на анимацијата, интересот кон книжевноста, особено фолклорот, бајката и фантастиката, денес ме донесе до работното место научен истражувач на фолклорот, книжевноста и филмот. Судбината си има свои правила на игра, а кај мене беше особено наклонета. Особено во поврзувањето на правите луѓе со вистинските идеи.

Објавено:
27 јануари 2023
object(stdClass)#484 (8) { ["nid"]=> string(5) "29660" ["ga_count"]=> string(3) "723" ["ga_count_week"]=> string(1) "0" ["ga_count_day"]=> string(1) "0" ["ga_count_start_date"]=> string(10) "1436911200" ["ga_count_week_start_date"]=> string(10) "1690322400" ["ga_count_day_start_date"]=> string(10) "1690322400" ["fb_count"]=> string(1) "0" }
Прочитано:
723 пати