Алек Наумовски е меѓу првите машки модели што излезе надвор од границите на нашата земја и докажа дека и Македонија навистина има што да покаже. И по 20 години кариера, тој остана вистински професионалец и модел каков што денеска ретко може да сретнеме. Во разговорот што го водевме тој зборуваше за манекенството со подеднаков жар како што тоа го правел пред многу години. Но, вели дека манекенството не му недостасува многу, бидејќи енергијата на новото време е сосема поинаква од онаа пред многу години.
Денеска, покрај тоа што се уште е дел од модната агенција „Моделс Ин“, има и своја радио емисија на едно од скопските радија, за што ќе каже дека е само продолжение на неговата приказна од детството. Само за fashionel тој го отвори својот плакар и ни ги покажа неговите омилени парчиња без кои не може да се замисли себеси. Ни кажа дека иако не е „луд“ по брендови, сепак тие се вистинскиот доказ за квалитет. Говоревме и за модата, за омилените дизајнери, а не го пуштивме да си оди и без да ни даде по некој совет. Уживајте!
Што работи Алек Наумовски во моментов?
Конкретно, во овој предновогодишен период имаме многу настани, сега сите ги прават оние завршни, предновогодишни кампањи, колекции и што уште не и тоа значи дека овој период ќе има многу работа. Се обидуваме да го завршиме сето она што треба да се заврши и да им излеземе во пресрет на сите клиенти. Во моментов и немаме многу време за нешто друго. На пример, кога прославуваме 12 години од нашата модна агенција, извадивме календар, но сега е малку тешко да направиме такво нешто. Тоа е еден долг, креативен процес за кој треба време и такво нешто не може да се заврши за месец, два.
Од модел до радио водител. Како се случи тоа?
Тоа се случи некако природно, како нормален тек на работите, затоа што како дете имам работено во радио и кога ме повикаа сега повторно, за да снимам некои работи, сето тоа ми беше некако многу природно и нормално. Само продолжив онаму каде што застанав после многу години.
Колку ти недостасува активното манекенство?
Па, не ми недостасува. Друга енергија и друго време беше порано, и воопшто не е споредливо ова време со она во кое јас работев. На пример кога работев во Виена или во западните метрополи, тогаш бев многу помлад и имав многу повеќе енергија, ентузијазам и тогаш воопшто не ти е невозможно и на минус три да се сликаш по долна облека или на плус 40 да сликаш зимска колекција. Сега, од оваа перспектива мене тоа ми е невозможно.
Иако, ако си професиналец, цел живот си професионалец. Пред три години Никола Булевски Буле дизајнираше линија на кошули и јас бев заштитно лице на истата. Се сеќавам, тогаш сликавме многу долго на отворено, но јас сепак немав никаков проблем. Сакам да кажам дека ако тоа ти е вродено и ако си вистински професионалец, така и ќе остане.
Колку во Македонија во моментов имаме солидна модна сцена, колку навистина имаме квалитетни дизајнери и светски модели?
Во последниве години некако имам впечаток дека модата тука ми пука по сите „шавови“. Многу работи се измешаа, се појавија луѓе кои тотално се несоодветни за таа работа. Се појавија многу квази модели, порано се знаеше, си имаше хиерархија и се знаеше кој каде припаѓа, а денес сето тоа ми доаѓа некако многу измешано.
Македонија има модели што може да бидат светски, но голем проблем со младите е тоа што тие имаат лоша слика за целата модна сцена. Треба многу да се разговара со нив, за да им се објасни што тоа значи да се работи професионално во модна агенција. Тие во главата си имаат некои искривени перцепции како сето тоа изгледа. Јас се обидувам да им објаснам дека тоа не е избор за убавина, туку дека е работа како професионален модел, но не знам колку ме разбираат. Тоа не е некој вид страв, туку немање на желба. Можеби тоа е резултат на недоверба и можеби изместена им е сликата во глава како тоа треба да изгледа, бидејќи има многу малку примери за да им покажат како сето тоа треба да изгледа.
Кои се твоите најчести дневни комбинации, што е она без што не излегуваш од дома?
Најопуштен сум во оние кежуал варијанти, каде што сум свој, без разлика на тоа дали станува збор за фармерки, блузон или што и да е, но најважно е да носам нешто во кое што можам слободно да дишам. Секој настан си има свој дрес код што мораш да го испочитуваш и гледам да се придржувам до тоа. Знам да уживам и во таква комбинација која вклучува и костим.
Колку луѓето кај нас знаат да направат добри комбинации и пред се, совршено да ги одвојат дневните од вечерните?
Мислам дека тоа сепак зависи од умешноста на секој човек. Ти треба вистинска умешност за да направиш добра комбинација која ќе знаеш каде да ја презентираш. Мислам дека и низ годините, човекот како созрева, учи многу работи и може успешно тоа да го направи.
На што трошиш најмногу пари кога станува збор за облека?
Со оглед на тоа што веќе заладува, можам да кажам дека сега купувам некои тренди џемперчиња и блузички. Не сум некој „шопохолик“, воопшто не сум тој тип кој сака да го има она последното на пазарот. Сакам да знам што се случува, меѓутоа не е дека морам по секоја цена да имам некое парче. Доколку станува збор за некое брендирано парче, можеби ќе почекам или пак ќе побарам некоја соодветна замена, но не сум тој тип што ќе ги потроши последните пари на нешто брендирано.
Кој е твојот фетиш во облеката?
Кога излегувам во последно време на некои свечени настани, многу сакам да ставам вратоврска пеперутка и баш сега си купив неколку чифта. Можеби и ремени во поразлични варијанти, спортски и некои поелегантни, но нема нешто што можам да кажам дека ми бил фетиш отсекогаш.
Кој е твојот омилен бренд, дизајнер кому му се восхитуваш?
Брендот сам по себе носи и квалитет, тоа дефинитивно е вистина. Еве на пример јас имам една маичка која ми е неверојатно драга, мислам дека ја купив во 1998 година во Лондон. Маичката е на Жан Пол Готје и јас ја носам се уште и таа апсолутно не изгуби ниту дел од својата вредност. Брендот, дефинитивно е доказ за квалитет. И после толку години јас маичката можам да ја комбинирам со се и во секое време. Токму поради тоа би ми било драго доколку секогаш можам да си дозволам некое брендирано парче, токму од тие причини.
Кој е твојот совет до читателите на fashionel кога станува збор за стилот?
Јас мислам дека стилот си го носиме во себе и низ годините тој доживува различни модификации. Најверојатно, доаѓа момент кога стилот треба да си го пронајдеме во себе. Кога ќе го пронајдеме, треба да знаеме да го задржиме и да уживаме во него.