Таа е една од најпознатите и најубави македонски манекенки, која и денеска изгледа подеднакво добро како што тоа беше случај во златните 90 - ти. Прекрасната Вера Мештеровиќ македонската публика ја памети како Мис на Македонија во 1996 - та година, но и како една од најекспонираните и најбараните манекенки. Со Вера разговаравме за тоа што ја исполнува денеска, за тоа дали некогаш повторно би се вратила на модните писти, за семејството, децата и нејзините омилени парчиња од плакарот.
Уживајте.
Се сеќавате ли на вашиот прв ангажман?
(Се смее)... Одамна беше тоа, 1994-1995 година. Мојата прва ревија беше во Македонскиот Народен Театар за стоковната куќа „Јукан“ каде тогаш имаше гардероба од повеќе брендови. Тогаш ги снимив и првите реклами за Алкалоид за странскиот и домашен пазар. Се сеќавам, тешко ми беше да најдам високи потпетици бидејќи носам број на чевли 41. Мис на Македонија станав во 1996 година и бев првата мисица која официјално ја претставуваше Македонија на најстариот светски избор за убавина Miss World на кој бев секако доста забележана...
Кои се вашите најубави сеќавања од тоа време ?
Најубавите сеќавања поврзани со тоа време во врска со манекенството, е тоа што сите имавме третман како супер модели, гледаа на нас со почит, а токму тогаш беше и златното време на светските супер модели... Денес, некако немам чувство дека на манекенките им се возвраќа со таков однос.
Можно ли е да се направи некаква споредба со модата од тоа време и онаа денес ?
Нешто што прво ми падна на памет се чевлите со поширока потпетица што тогаш беа во тренд, а гледам дека и денеска се враќаат на модната сцена.
Кој беше најдобриот совет што го добивте во текот на вашата кариера ?
Секогаш да бидам природна и да бидам она што сум. Употребувањето на многу шминка не ми го препорачуваа ниту во Македонија, ниту во странство, посочувајќи ми дека ништо повеќе не треба да се разубавува од она постоечкото.
Какви правила важеа тогаш ?
Мислам дека и денес важат истите правила... Моделот секогаш да е среден, негуван, точен и професионален во однос на ангажманот и обврските.
Кој беше вашиот идол кога бевте мала ? Од кого имавте постер во вашата соба ?
Немав некој конкретен идол, во собата имав слики од Puzzle Unicef и постер од Здравко Чолиќ (се смее).
Што ве исполнува овие денови ? Ви недостасува ли манекенството ?
Ме исполнува мајчинството и семејството, а покрај тоа, планирам во скоро време да почнам и со некои други работни обврски. Понекогаш, кога ќе се присетам на старите денови, ми недостасува манекенството, а особено времето на модната куќа „Систина“ и целиот тим со кој работевме таму...
Што ќе ја советувате вашата ќерка Јована доколку тргне по вашите стапки ?
Би ја упатила на академија во Англија која се занимава со манекенство и филм, со сѐ што е шоу бизнис, своевремено во 1996 година добив покана од таму, меѓутоа не отидов. Доколку го сака овој бизнис, јас тоа би и го препорачала, токму од таа академија излегоа едни од најдобрите светски имиња во шоу бизнисот, филмот и модната сцена.
Имате и петгодишен син Андреј, ќе биде ли тој фудбалер ?
Можеби и ќе биде, ги има сите предиспозиции за да биде, а сѐ останато е негова желба. Она што јас го сакам, е да биде успешен во тоа што ќе го одбере.
Каде се запознавте со сопругот?
Се запознавме во студио Ин... Јас бев на маникир, а тој на шишање... Се забележавме и потоа тој го побарал мојот број и така почнавме да комуницираме...
Во мода е враќањето на големите манекенки, меѓу кои и Синди Крафорд и Наоми Кембел на модните писти. Би се вратиле ли и вие во некоја пригода ?
Можеби, зошто да не. Бев поканета на Модната недела во Скопје пред година, две, ама тогаш ќерка ми беше бебе и поради тоа одбив. Нешто пред тоа, Ненад Секирарски исто така сакаше да носам негови фустани на една ревија, но тимот на српската агенција што го организираше настанот, не дозволи модели од страна, така што и тоа не се случи. Но, можеби ќе се појавам во некоја друга пригода.
Се чини како времето да не ви може ништо, изгледате поденакво добро како и кога бевте Мис на Македонија. Како ја одржувате фигурата ?
Ви благодарам на комплиментот, не постои жена или девојка која не би сакала да слушне вакви зборови. Јас порано вежбав активно, но сега во последниве години престанав. Сега за сега, ангажманот околу децата ми е физичката активност, од време на време последниве две години со ветераните од КУД Орце Николов се собираме и играме па тоа ми е некоја физичка активност.
Имате ли некои посебни рутини кога станува збор за вашата кожа ?
Па немам некои посебни, сите се секојдневни, вообичаени рутини...
Сакате ли дизајнерска облека ? Кои се вашите омилени дизајнери ?
Сакам, меѓутоа не сум тип кој сака да купи сѐ по последна мода и тренд. Пред сѐ, сакам парчињата што ги купувам да ми се допаѓаат и да ми одговараат. Италијанските дизајнери ми се врв, но сакам и парчиња од американските и француските дизајнери.
Кое парче го има во изобилство во вашиот плакар? На што би ги потрошиле последните пари ?
Фустани, фармерки, маици....последните пари би ги дала за парфем или накит!
Локација: Децата од нашата улица