Анита Русевска: Накитот е неодминлива завршница на еден изглед

Интервју со •
24 јануари 2014

Кога ќе кажете Анита Русевска, некои помислуваат на музиката и нејзината работа во Македонската опера и балет, некои на тоа што е сопруга на нашиот тенисер (сега тренер) Предраг Русевски, а некои пак на накитот што го изработува под називот „Русевска дизајн“.

Сите овие три нешта максимално ѝ го исполнуваат животот. А нишката која постојано се проткајува и е всушност носечка е онаа од уметност и љубов.

-Уметноста за мене е нешто најубаво на светот. Модата, музиката, спортот сè е во една врска. Токму затоа и ме привлекуваше работата во МОБ. Завршив средно музичко училиште, потоа продолжив на музичка академија. Сè ми е поврзано со уметност. Едно време сакав да се запишам и на ликовна академија, поради цртањето, дизајнот, но патот потоа ме однесе на друга страна и не зажалив што завршив во МОБ. Многу ме исполнува работата, пеењето, да не го работам тоа не знам што би работела – вели Русевска.

А во однос на модата, освен тоа што како и речиси секое мало девојче сакала да ги облекува чевлите на мама и да ја користи нејзината шминка, голема улога одиграло и подготвувањето на претстави, носењето костими, шминка...

-На мојата венчавка немав класичен фустан, бидејќи такви често носев на претставите... Сакав нешто поинакво– раскажува Анита.

anita 1

Со изработка на накит се занимава одамна, но парчињата биле само за неа и нејзините блиски. Токму тие ѝ сугерирале да почне да прави и за други и да ги промовира. Така, Анита отвора Фејсбук страница - „Русевска дизајн“, каде срамежливо почнува да ја претставува својата работа. На нашата средба ни донесе и една од нејзините посебни изработки.

-Имав многу парчиња, но на почетокот ми беше срам, не знаев како ќе се снајдам, дали е тоа во ред... Видов дека има заинтересираност, поради што ми е многу драго. Сега секако вложувам сè повеќе и во однос на труд и на материјали. Ова парче што денеска ви го донесов е направено од камења кои овде не можат да се најдат сè уште. Јас изработувам тренди накит, нешто што јас би го носела и во што се пронаоѓам. Затоа и можам добро да го презентирам. Почнав со синџири и топчиња. Порано шиев рачно на кожички. Сега одам на едно повисоко ниво. Овој ѓердан ќе биде дел од лимитирана колекција, која ќе ја презентирам наскоро, а ќе биде лимитирана токму поради ретките материјали. Ќе содржи уште неколку ѓердани, обетки, а ќе има модели во виолетови  и кафени нијанси- најаува Анита.

1

Меѓу парчињата има обетки, алки, но најмногубројни се ѓерданите, кои ѝ се заштитен знак. Вели, за нив има и најмногу побарувачка, а и самата многу сака да ги изработува. Инспирацијата ја црпи од секаде... од брендовите, од трендовите, од некој изглед што ќе го види на улица...

-Ми се случува навечер да легнам и да ми се заврти во глава како сакам да изгледа некое парче накит и не можам да спијам, сакам веднаш да го направам. Знам и за некое мое парче облека да направам ѓердан специјално, бидејќи ми недостасува, но потоа се случува да ми го нарачаат и да не остане ништо за мене (смеа). Во секој случај, многу ми е драго кога нешто ќе им се допадне и ќе посакаат да ги носат. Секоја девојка е различна и има различен вкус. Сметам дека накитот е завршница на изгледот на една жена. Тоа е зачинот на комбинацијата, па макар да биде и нешто мало и нежно, но мора да го има. Сè во однос на стилот. Тоа е гранка што жените многу ја сакаат и прифаќаат. И е потребна.

Македонската модна сцена ја следи. Креациите на Кокев и Антонија Ристовска ѝ го привлекуваат вниманието затоа што негуваат една романтика што неа ѝ се допаѓа...

-Исто така, би ја спомнала и Маја Кикириткова, Елена Лука... На претпоследниот моден викенд ја видов колекцијата Далга, и белите фустани особено ми привлекоа внимание. Па и Александра Митковска, Олгица Ѓорѓиева... Од секој од нив би можела да најдам комбинации и фустани кои со задоволство би ги носела – потенцира Русевска.

anita 1-1

Соработувала досега со пејачката Сања Левкова, која носела нејзин накит на фестивалите тука, но и надвор. Така, накитот се прошетал и до Турција, каде Сања ја претставувала Македонија на нивната т.н турска Евровизија.

-Немам проблем со било кого да соработувам... Би било убаво да го искомбинирам мој накит со нечија колекција фустани на пример. Исто така, ми се допаѓаат и стиловите на Елена Ристевска, Кристина Арнаудова, Каролина Гочева, па би ми било чест доколку би носеле мое парче накит – вели Анита.

Несомнено е дека ги следи модните трендови, но не по секоја цена. Ако во нешто не се пронаоѓа – не го носи.

-Не сум љубител на патики. Ги носам само за време на вежбање... Ми се допаѓаат оние на Изабел Марант, во тие се пронаоѓам. Би ги носела и на кафе - шема, околу местото на живеење. Инаку, луда сум по чевли со висока потпетица. Преку ден, можам да кажам дека негувам спортско-елегантен стил... Само спортски никогаш... Но, без оглед дали се работи за дневни или вечерни комбинации, мора да имаат дел од она што сум јас, мора да имаат женствен белег. Да биде тренди, но сепак во согласност со моите години... Во никој случај не би дозволила да изгледам како тинејџерка. Многу се пронаоѓам во стилот на блогерката, сега веќе и дизајнерка, сопругата на тенисерот Јанко Типсаревиќ, Биљана. Ми се допаѓа и стилот на Мирослава Дума... тоа е она во што и јас се гледам и каков стил практикувам – открива таа.

Од светската сцена ѝ се допаѓа стилот на Ријана, Бијонсе, Сиена Милер, Кејт Мос, Викторија Бекам, Елена Перминова... Исто така ѝ се допаѓа какви комбинации прави и српската блогерка Зорана, која се впушти и во дизајнерските води.

Уште еден доказ дека навистина е љубител на модата, а притоа ги следи светските трендови, говори и фактот дека и таа самата има свој моден блог My world-Mojot svet. Го пишува веќе една година, иако во последно време поради бројните обврски не успева да биде толку активна, таа ќе продолжи да го негува.

1063487_10151932364926094_1204118983_n

-Го отворив првин од љубопитство и поради себе. И сè што правам, првин го правам за себе. Но, морам да признам дека ми даде и слобода во изразот. Идејата потекна од моја другарка која ги следи светските модни блогери. Дојде спонтано, како и сè во животот што ми доаѓа. Ми недостасува фотографирањето од тој тип, некако се пронајдов во тоа. Првин бев дел и од Macedonian Style Book и Macedonian fashion bloger. Сè уште комуницирам со луѓето и од едната и од другата страна, но сакав да се обидам сама.

Ние со блогерството сме малку назад. Ако ја погледнеме соседна Србија, тие веќе имаат и тек како развиена мрежа, блогери кои остваруваат свои колекции, рекламираат... Кај нас сè уште е во зародиш, но добро е што почнуваме да се осврнуваме и на овој начин на изразување и комуникација. Јас почнав аматерски, но е многу интересно. Имаме многу убави места за фотографирање. Но, не е само тоа. Блогот бара да му се посветите, да имате време, затоа што тоа не е површна работа, ако сакате да го правите како што треба. Треба да се осмисли комбинација, да се средите, да се одбере место, па и времето да ви се погоди, фотографиите да се квалитетни... – раскажува Русевска.

1616681_10151932361986094_908146866_n

Во пресрет на пролетта и убавото време, доаѓаат и веселите бои кои таа со нетрпение ги очекува.

-Секоја сезона си носи некој тренд. Многу ми се допаѓа шеќерно розовата една од трендовските бои, виолетовата, жолта сакам многу, црвена, бела.... Ги сакам боите и кога ќе дојде есен-зима, сите се затвораме во темни бои, сива, црна, кафена. Многу ми се допаѓа кога комплетно бел стајлинг во зима. На пример, бело женско струкирано одело, со бела бунда, соодветни обувки, волуменозен накит...

Со оглед дека е сопруга на познат спортист, ја прашавме колку  влијае таа врз неговиот стил:

-Предраг има исклучителен вкус за спортска облека, што е нормално со оглед на неговата професија. Но, што се однесува до останатиот дел од облеката, многу внимава. Никогаш не купува маичка или блуза колку да се купи. Секогаш е внимателно одбрано парче. Честопати знае да ме праша за совет за комбинација за вечерните излегувања и најчесто во однос на бојата. Инаку, има вкус и често и сам купува. Исто така, морам да напоменам дека знае да направи одличен избор на парфем. Кога одел некаде надвор ми купувал парфеми и сите ги погодил (смеа). Сака да е дотеран, па дури некогаш и знае да прокоментира за некои други мажи: „Па добро како вака излегле“ (смеа).

Кога е накитот што таа го изработува во прашање, секогаш го прашува за мислење, а тој пак, иако не се разбира премногу во овој сегмент, го кажува неговото искрено мислење и ѝ ја дава максималната поддршка.

На прашањето, во каква комбинација Предраг најмногу сака да ја види, Анита вели:

-Кај него патики и балетанки не поминуваат. Кога ќе види на други девојки му е ок, но не на мене. Инаку, сака кога ќе ме види во тесен фустан, во фраерско сако, високи потпетици задолжително... Во елегантни и модерни комбинации...

1616452_10151932362001094_855894072_n

Големи модни трансформации или експерименти немала. Повеќе се однесуваат на носење „спуштени фармерки“ или сакоа.. Вели, модата постојано се врти, само се става во различен, модерен контекст кој соодветствува на сегашното време.

-Колку нешто сега и да не ни се допаѓа, кога ќе стане тренд сите почнуваме да го носиме. Но, да се нашминкате сега со темен молив и посветол кармин на уста, нема да ви ја простат таа модна „грешка“. Како и да е, без оглед на постојаното менување на трендовите, она што никогаш не би го носела се светкави хулахопки во нијанси на боја на кожа. Сметам дека тоа е недопустливо. Гледам девојки во град што го носат тоа и не можам да поверувам дека уште се продаваат – категорична е Анита.

Сепак, од друга страна ѝ се допаѓа што гледа дека младите сè повеќе внимание посветуваат на својот изглед и имаме интересна улична мода. Ѝ се допаѓа кога ќе види здолниште со тул искомбинирано со патики и карирана кошула или маица, но вели не може да се замисли себе си во тоа, бидејќи не би знаела како да го носи...

5

Најмногу пари троши на чевли, а особено ѝ се допаѓаат оние на Зара. Сепак, не е зависна од брендови, знае да купи парчиња и на распродажба, но кога станува збор за чевли и чанти, тогаш знае да одвои и малку повеќе средства. Од дома не излегува без маскара. Преку ден нејзината шминка се сведува на малку руж, маскара и сјај. Парфемот и накитот се исто така задолжителни. Ѝ се допаѓаат девојки со свежина на ликот. Смета дека нема потреба со сила некој да се прави повозрасен, или помлад. А за нејзината свежина, покрај љубовта, придонесуваат и вежбите.

-Вежбам и поради лична сатисфакција, работата, да бидам во форма, да сум здрава, расположена. Кога вежбам сум посмирена и опуштена. Имам розов точак и едвај чекам да дојде пролет, да почнам да возам. Исто така и трчам. После тоа кожата ми е поубава... Сè ми е подобро кога вежбам. Не мора да е секој ден... ама им препорачувам на сите да се активираат макар два пати неделно.

2

На листата неостварени желби ѝ се патувања во Абу Даби, Мајами. Сепак, една од најголемите ѝ е да отвори свое ателје, каде уште поблиску ќе може да им се приближи на оние на кои им се допаѓа накитот што таа го изработува, па токму и во наредниот период ќе ѝ се посвети...

-Една од работите на кои се придржувам во животот е да не се вртиме назад, да гледаме напред, да работиме, да се почитуваме и сакаме. Луѓето станаа малку чудни... Иако звучи како клише, знам, навистина  работите во животот ми се случувале – случајно и спонтано... Љубовта е таа што ме води ...

Објавено:
24 јануари 2014
bool(false)