Марина Ѓорѓиевска e мајка, дефектолог, претприемач и човек кој преку својот личен пример придонесува за инклузивноста во општеството на децата со пречки во развојот. Во Битола има своја приватна училница каде секојдневно работи на едукација и социјализација на децата со предизвик, како што ќе каже подолу во интервјуто. Таа беше дел од проектот на Фондацијата Елена Лука, „Економско зајакнување на самохрани мајки преку техничка поддршка и обуки", а добиените средства преку оваа програма ги имплементираше во подобрување на условите на училницата. Прочитајте за нејзиниот позитивен општествен пример, но и за предизвиците со кои се соочуваат професионалците во нејзината област, како и стереотипите под превезот на модерното време.
-Вие сте дефектолог по професија и се одлучивте да работите самостојно, во приватна училница. Како поминува едно Ваше работно секојдневие?
Да, веќе втора година работам самостојно во училницата и секој изминат ден досега, можам да кажам дека е неповторлив и единствен, зашто секојдневно со децата создаваме една нова приказна. Целиот работен ден ми е насочен кон нив, работам индивидуално со секое дете, а повремено создаваме и мали групи за нивна дружба и групна работа, и секако, инклузија. Децата секој ден се еден нов извор на знаење и емоции, со што и моето секојдневие го прават максимално исполнително.
-Која е Вашата целна група и какви услуги нудите?
Целна група ми се сите деца на кои им е потребна помош при изведување на секојдневните активности, деца кои имаат потреба од поддршка во растот и развојот, или како што од една мајка неодамна научив дека најдобро би било да се каже, деца со предизвик. Во тој поглед работам индивидуални третмани на деца со: аутизам и нарушувања од аутистичниот спектар, потешкотии во учењето при: дислексија, дисграфија, дискалкулија, недостаток на внимание и хиперактивност, Даунов синдром, збогатување на комуникативните и социјалните вештини, развивање на говорот, развивање на креативност, мислење, меморија, логика, концентрација...
-Постојат ли некои посебни програми што ги користите во Вашите секојдневни работни активности, за поголема ефективност?
Секако, постојат техники при работа со цел подобри резултати во работата. Тука припаѓаат АБА терапија, Арт-терапија, психомоторната реедукација, сензорна интеграција, Lollipop therapy, TEACCH Therapy... Меѓутоа сите овие методи при работа треба да се комбинираат, зашто секое дете има различен пристап, и индивидуално реагира на истите. Всушност, детето е водачот на часот и самото тоа го покажува правецот на работа.
-Со какви предизвици се соочуваат дефектолозите денес?
Мислам дека најголем наш предизвик е да направиме секојдневието што не опкружува да биде прифатливо за децата со посебни потреби. Средината со која секојдневно се соочуваат да им биде природна и прилагодена на потребите, и најважно од се, да се чуствуваат подеднакво исти со секој еден човек кој ќе им пристапи. Едукацијата е доста важна, да, но социјализацијата и еднаквоста помеѓу нас е многу побитна. Да успееме да ги преминиме границите на различност и да излеземе од тунелот на стереотипите.
-Од Вашето досегашно искуство, се соочуваат ли се уште со стереотипи лицата со пречки во развојот?
Како што и претходно споменав, мислам дека тоа е нивната најголема потешкотија при секојдневното функционирање. Затоа треба малку повеќе да ги отвориме нашите видици, бидејќи сите ние имаме посебни потреби. Секоја личност е посебна, но не треба да се етикетираме меѓусебно зависно од нашите карактеристики. Едноставно, сите сме на овој свет со некоја посебна мисија, затоа и сме различни. Доколку ова им го зборуваме на нашите деца од најмала возраст, мислам дека би можеле да направиме мали чекори за големи промени.
-Вие бевте дел од проектот на Фондацијата Елена Лука „Економско зајакнување на самохрани мајки преку техничка поддршка и обуки". Колку сте задоволни од соработката и како ги имплементиравте средствата што ги добивте преку овој проект?
Јас сум воодушевена од широкоградоста на тимот на Елена Лука, и повторно би сакала да им се заблагодарам. Нивната посветеност при изборот, но и при имплементирањето на средствата навистина е за поздравување. Мене лично ми дадоа уште поголем мотив за работа, затоа што го гледам задоволството за детските лица секојдневно, играјќи на новите помагала. Средствата ми послужија за опремување на училницата со опрема за вежби на фината и крупната моторика, како и за кујнски помагала, со цел децата и младите да се стекнат со основни вештини при самостојното живеење и функционирање.
-Како секој од нас поединечно може да придонесе за поголема инклузивност на лицата со пречки во развојот во општеството?
Во очите на секое од овие деца, јас ги гледам очите на моето дете, и оттука почнува прифатеноста. Мислам дека тоа е повеќе од доволно. На тој начин, нема да нашите деца да им всадуваме поим за поделба и поставување на граници. Останатото треба да го оставиме на повисоките институции, кои задолжително треба да имплементираат стручен тим за работа во секоја образовна државна установа, со цел Законот за инклузија во вистинска смисла да почне да функционира.
-Што сметате за Ваш најголем успех?
Најголем успех ми е задоволството на родителите и насмевките на моите деца. Нивната желба за доаѓање во мојата училница и нивните секојдневни мали успеси. Мислам дека стои уште многу долг пат пред мене на кој што треба целосно да им се посветам со сето мое знаење и љубов.
-Која Ви е најголемата професионална амбиција?
Моите почетоци се со оваа скромна училница. Голема желба ми е истата да прерасне во Центар во кој ќе работи целокупен стручен тим за потребите на децата и младите, при што би добиле знаење за самостојно функционирање и основа за независен живот. Со тоа би го поттикнале секое дете да го пронајде својот потенцијал и да го користи во текот на целиот свој живот.